Функцијата претставува чекор понатаму во заштитата на податоците, дури и ако ПИН кодот од телефонот со Андроид е пробиен.
Ако вашиот паметен телефон дојде во погрешни раце и тој некој со “погрешните раце” најде начин да го отклучи, тогаш лицето може да пристапи до голем број приватни податоци – е-пошта, социјални мрежи, комуникации, но и до банкарските апликации, фотографии и видеа. Овие податоци се доволни за да предизвикаат значителна штета, со оглед на тоа што тие можат да се искористат за кражба на пари од сметки, уцени, а “никаквеците” може да објавуваат и чувствителни слики на социјалните мрежи и слично.
Постојат многу такви негативни сценарија и најдобро би било целосно да ги избегнете со тоа што ќе внимавате на вашите телефони. Но, бидејќи таквите работи навистина се случуваат, најдобро е веднаш да ги конфигурирате сите достапни безбедносни поставки, така што, во случај вашиот телефон да заврши во погрешни раце, вие сепак ќе можете да ги заштитите вашите податоци. Еден од проблемите е што понекогаш крадците ги следат своите жртви, прво обидувајќи се да видат кој е нивниот ПИН, а потоа преземаат акција. Ако се “докопаат” до телефон со познат ПИН, тогаш тие имаат пристап до сѐ.
За да го спречат ваквото несакано сценарио, Apple и Google воведоа низа различни безбедносни алатки, вклучително и опција која може да открие дали телефонот е украден. Google претходно воведе опција за заштита од кражба за Android, која вклучува различни опции дизајнирани да ги заштитат уредите и податоците пред, за време и по кражбата на уредот.
Неодамна тие најавија ново, дополнително ниво на заштита за телефоните со Android. Првично, опцијата стана достапна само за одредени телефони (Pixels и Samsung уредите), а со тек на време, таа треба да биде достапна за повеќето Android уреди. Се работи за опција за проверка на идентитетот која бара да се користат само и исклучиво биометриските податоци за пристап до одредени сметки и телефонски опции.
За да не мора постојано да користи биометрија за пристап до такви податоци и опции, Google овозможи да се изберат доверливи локации. Можете да поставите локации како дом, канцеларија и други каде што често ги посетувате чувствителните апликации, а кога сте на тие места, нема да биде потребно да користите биометрија.