Рубрика: Психологија
Зошто децата треба да бидат слободни да ризикуваат
Објавено на 16.01.2025 - 16:00

Однесете го вашето дете или внуче на детско игралиште опремено со пирамида од јаже висока неколку метри, неколку скривалишта и висечки мостови оптегнати од едната до другата страна на тобоганот. Колку минути можете да се воздржите без да побарате тоа да се симне од некоја од справите или пак да го предупредите биде внимателно?

Науката вели дека способноста за преземање на контролирани ризици во текот на играта, од типот качување, скокање од повисока точка од вообичаеното или оддалечување од погледот на возрасните, им помага на децата да развијат координација, свесност за просторот и за нивното тело, какои да стекнат доверба во сопствените способности, емпатија и вештини за решавање проблеми. А сепак, родителите и воспитувачите честопати се чувствуваат повикани да ги заштитат децата од сите видови ризици. Вклучувајќи ги и оние кои би можеле да им помогнат во растот.

Како што е објаснува една статија во Nature, почетокот на научното истражување за придобивките од ризичната игра датира од 1996 година, годината во која Норвешка донесе закон за минимизирање на ризикот од несреќи на јавни простори наменети за деца. Неколку години подоцна, психологот Елен Сендсетер, сега на Универзитетскиот колеџ за рано детско образование Квин Мод во Трондхајм, Норвешка, забележува дека поради законот игралиштата станале побезбедни, со заоблени агли и огради, но од друга страна речиси сите позитивно „авантуристички“ елементи на играта исчезнале, факт што таа го дефинира како загрижувачки. И така Сандсетер почна да ги проучува ефектите и корисноста на ризичната игра кај децата на возраст помеѓу три и пет години.

Како ризична игра се дефинира како секоја „привлечна и возбудлива игра што вклучува несигурност и реален или согледан ризик од физичка повреда или загуба“. На пример, авантуристичките активности какви што се качувањето на дрво или игрите за одржување рамнотежа на карпи, како и сите оние активности кои предизвикуваат мешавина од радост и возбуда. Но, добро е да се запамети ризикот и опасноста се две различни работи. Опасноста е нешто за кое детето нема механизам за самостојно да го процени и разбере – опасно е и секако не е препорачливо да се оди бос на места со скршено стакло, на пример.

Како што децата растат така се менува и концептот на ризична игра. За едногодишно дете, ризичен е дури и обидот оди самостојно, без да се држи за раката на некој возрасен. Исто така обидот да се скокне од висина од еден метар значи преземање на различен ризик за тригодишното и за шестгодишното дете.

Можноста за впуштање во авантуристички игри е подеднакво важна како за претпазливите и резервираните деца така и за похрабрите и потемпераментните бидејќи, како што објаснува Сендсетер, „сите деца треба имаат потреба за поместување на сопствените граници, а и децата го посакуваат тоа“. Научните студии покажуваат дека авантуристичката игра им овозможува на децата да развијат подобри вештини за проценка на ризикот, да ги усовршат вештините за преговарање и емпатија, доколку се соочат со другите, како и да ја подобрат самодовербата и способноста да реагираат во дадени ситуации.

Авантуристичката игра практикувана на отворено има дополнителна придобивка со тоа што дејствува како регулатор на анксиозноста, учејќи ги децата да ја препознаат физиолошката возбуда (забрзано чукање на срцето, отежнато дишење, испотени раце) што ја придружува ризичната ситуација и да почувствуваат дека таа попушта кога повторно ќе се најдат на безбедно. Доживувањето на оваа циклична промена на „висока“ и „ниска“ возбуда одново и одново, во релативно контролирани ситуации, му овозможува на детето да почувствува дека адреналинското чувство е минливо и дека стресот, како и сите други работи, поминува.

Хелен Дод, психолог за развој на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија, ја тестирала моѓноста овој ефект на игра да се примени за регулирање на стресот во текот на првиот месец од ковид-карантините во 2020 година. Децата кои поминувале повеќе време во авантуристички игри, дури и во рамки на домот, имале пониски нивоа на анксиозност и депресија пријавени од родителите за разлика од оние на кои тоа не им било дозволено. Дополнително било утврдено дека авантуристичката игра има уште позаштитна улога за менталното здравје кај децата од семејства со ниски приходи.

Со оглед на слободната и флуидната природа на самиот концепт на игра, истражувањето за придобивките од овие активности е тешко да се спроведе на ригорозен начин. Една од преовладувачките хипотези е дека авантуристичките игри им помагаат на децата да ги усовршат своите вештини во справувањето со тешки ситуации, вештини кои подоцна можат да се користат во навистина ризични контексти (на пример, при преминување на улица).

Бидејќи би било неетички децата да се изложуваат на опасни ситуации за научни цели, група психолози од Универзитетот на Британска Колумбија во Ванкувер, Канада, создале сценарија за виртуелна реалност во кои 500 деца од Канада и од Норвешка можеле да искусат ризични ситуации без притоа да се најдат во реална опасност. Имено, во виртуелниот простор децата можеле да преминуваат преку пат, да потскокнуваат од карпа до карпа за да поминат преку река или едноставно да истражуваат. Нивните родители одговарале на прашалници за тоа колку често децата биле вклучени во авантуристичка игра и за нивната тенденција да бараат ситуации исполнети со адреналин. Резултатите допрва треба да бидат објавени, но тие укажуваат кон тоа дека норвешките родители не се непријателски настроени кон ризикот и дека нивните деца добро се справуваат со тоа.

Целта на овие студии не е да им кажат на родителите дека користат погрешен стил на воспитување, туку да ги истакнат придобивките од помалку ригидното управување со ситуациите на играта, при што децата ја имаат сета потребна сигурност, но истовремено не се и „колку што што е можно побезбедни“. Се разбира, поставките за игра треба да бидат дизајнирани да обезбедат можности за авантуристичка игра што ги минимизира ризиците за безбедноста на децата. Истовремено “ризиците” треба да се прилагодат во зависност од културата во која живеете. На пример, ако се знае дека во скандинавските земји се поттикнуваат авантурустички активности на отворено, тешко е да се замисли примена истиот стил во други земји (вклучувајќи ја и Македонија). Исто така треба да се има предвид и дека во руралните средини и во контексти каде што се живее поблиску до природата, авантуристичката игра веројатно е дел од секојдневието.

Но, како да препознаеме дали играта е ризична на позитивен начин, или е таа само непотребно опасна? Според студијата на Маријана Брусони, психолог од Универзитетот на Британска Колумбија во Ванкувер, ако децата се вклучени во “подготвителна” ризична игра, тие пробуваат да искусат ситуации што над од нивните моментални способности, впуштајќи се во нив со одлучен израз на лицето, контролирајќи го нивното тело, при што продолжуваат со обиди и грешки. Ако го забележите ова, предлогот е да почекате уште малку пред да им кажете „не“. Видете дали самите можат да се справат со ситуациите наметнати од играта.

 

Клучни зборови: