Најсовремен систем на камери што користи вештачка интелигенција за да помогне во откривањето на возачи кои не можат да го контролираат своето возило, се тестира во регионите на Корнвол и Девон овој декември. Системот е опишан како прв во светот кој детектира возачи кои пиеле.
Технологијата, развиена од фирмата за безбедност на патиштата Acusensus, открива возило на патот што се вози како возачот да е под дејство на алкохол или дрога. Овие информации се доставуваат во реално време до полициските службеници на блиската локација, кои потоа можат да го отстранат возилото од сообраќајот и да спроведат понатамошно тестирање – потенцијално вклучувајќи тестирање за дрога и алкохол.
Системот од камери, заснован на веќе постоечката технологија на мобилни телефони и безбедносни појаси, е пренослив и може да се распореди на различни локации низ регионот каде што полицијата во Девон и Корнвол имаат дојава за потенцијални прекршоци од типот возење под дејство на алкохол или опојни дроги.
Технологијата, исто така, ќе им обезбеди на полицијата на Девон и Корнвол дополнителни информации за сообраќајните услови околу возилата управувани од возачите за кои постои сомневање дека се „привремено спречени за соодветно управување со возилото“.
Усвојувањето на новите технологии, како што се овие камери, е од витално значење во борбата за што помалку жртви во сообраќајните несреќи.
„Имаме патна мрежа од речиси 22 500 километри во Девон и Корнвол, што значи дека нашите полицајци не можат да бидат насекаде. Камерите ни помагаат да ги распоредиме оперативните ресурси на ефикасен начин, каде добиените податоци играат важна улога“, вели Сајмон Џенкинсон од полициското одделение за контрола на сообраќајот во Девон и Корнвол.
Џеф Колинс, кој е извршен директор на Acusensus во Велика Британија, рече дека се воодушевени што првите светски испитувања на оваа технологија се спроведуваат токму во овие области.
„Возењето под дејство на дрога или алкохол е неверојатно опасно и честопати дури по сударот дознавате дека возачот бил пијан или под дејство на дрога. Сите сме побезбедни ако можеме да откриеме дека нешто не е во ред со возачот пред тој да предизвика инцидент што може да ги загрози животите. Веруваме дека оваа технологија би можела да биде навистина важна алатка во оваа борба, и за откривање и за одвраќање на возачите да не седнат зад воланот во таква состојба“, објаснува Колинс.