Рубрика: Автомобилска техника
Бочен екстерен airbag
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 25.12.2024 - 11:15

Во општ случај, безбедноста е клучна за нормално функционирање на системите. При површен поглед таа не се гледа, а неискусните не ни помислуваат на неа. Во оваа насока, безбедноста во сообраќајот ОТСЕКОГАШ била на највисокиот пиедестал со исклучок во самите почетоци на развојот на автомобилите. Тоа е така затоа што денеска брзините се огромни во однос на почетоците во развојот на автомобилите. А судар како и секој судар, само во една или две секунди треба да ја анулира огромната кинетичка енергија.  

Автомобилот е најранлив на бочни судари. Овие судари земаат данок во живот во висина од 1/3 од вкупниот број на жртви во сообраќајните несреќи во патниот сообраќај. На пример, во Германија годишно загинуваат околу 700 луѓе од бочни судари. Оваа бројка е многу далеку од целта која е НУЛА жртви во сообраќајните несреќи кон која се стремат производители на автомобили, безбедносните служби, образованието во општеството и сите други чинители кои ја имаат истата цел.

Германскиот гигант ZF во 2019 година излезе со мошне ефикасна иновација во бочната безбедност на автомобило при судари, која се проценува дека ќе го намали бројот на жртви од овој тип на судари за 40%. За што се работи?

Иновацијата се состои во дополнителен надворешен ербег – воздушна перница, која во континуитет ја зафаќа зоната помеѓу A и C носачот на автомобилот. Идејата е дека со оваа воздушна перница значително се зголемува зоната на гужвање што пак директно ја намалува пенетрацијата (изразена во милиметри) на автомобилот кој удира во автомобилот жртва затоа што поголема деформациона зона учествува во анулирање на кинетичката енергија на автомобилот кој го причинува сударот. Услов за овој ефект е речиси апсолутната блиндираност на воздушната перница која не смее да го испушти воздухот при сударот. Тука лежи клучот на иновацијата и само поради овој факт не смее да се спореди со начинот на заштита на ербегот за патниците во ентериерот на возилото.

Волуменот на воздухот кој ја полни перницата е помеѓу 280 и 400 литри и зависи од категоријата на возилото. За активирање на воздушната перница надлежен е алгоритамот кој се полни со информации од сензори како вмрежена камера, лидар (LiDAR=Light Detection and Ranging) и радар.

Дефинитвно, се работи за интересна и вдахновена иновација која сигурно ќе спаси многу животи во сообраќајните несреќи.  

Клучни зборови: