После “ковид-затишјето” кое во макетарскиот свет одзеде две до три години, оваа година повторно Макетарскиот клуб “Мајор Михајло Ивановски – Микс” од Скопје покрај организацијата на сопствениот натпреварувачки и изложбен настан во март годинава, зеде учество на уште неколку балкански натпревари во Србија, Бугарија, Турција и во Грција, со што може слободно да се каже дека на голема врата се врати на макетарската сцена. Како потврда на тоа се бројните одличја и награди што им беа доделени на нашите натпреварувачи со што успеа да се утврди и потврди нивото на квалитет што овој клуб го поседува. Завршницата беше импресивна, со учеството на завршната изложбено-натпревеарувачка манифестација “Новогодишен куп” во Белград, Република Србија.
Традиционално и оваа година балканските натпревари и изложби во пластично макетарство беа заокружени со седумнаесеттиот по ред “Новогодишен куп” во организација на макетарскиот клуб “Олуј” од Белград (Република Србија), кој се одржа викендот на 14 и на 15 декември.
На овогодишниот настан имаше фасцинантен број на учесници од целиот Балкан и пошироко, а на самата изложба имаше околу 600-тини макети во разни категории. Покрај изложбено-натпреварувачкиот дел имаше организирани и работилници, макетарска школа за почетници (деца) и макетарска берза која навистина беше богата и разновидна.
Макетарскиот клуб “Мајор Михајло Ивановски – Микс” зеде активно учество во разни категории и ги освои следните награди:
• Драган Цветиќ – Бронзена медаља во категорија С2;
• Славчо Георгиевски – почесна медаља од турскиот клуб “Gray Scale Modelling Society”
• Атанас Наумовски – почесна медаља од полскиот клуб “Ciupaga” за макета на авион со полски ознаки
Од лево кон десно: Изработките на Атанас Наумовски, Драган Цветиќ и Славчо Георгиевски
Со овој настан се заокружуваат настапите на клубот “Мајор Михајло Ивановски – Микс” од Скопје во календарската 2024-та година и со нови надежи и зголемено членство нестрпливо ја очекуваме 2025-та во која се надеваме дека дополнително ќе се надградиме и активно ќе дадеме свој придонес во развојот на макетарството како хоби на овие простори!