Рубрика: Информатика
Google Chrome ќе овозможи брза проверка на веродостојноста на веб-локациите со ВИ
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 03.12.2024 - 13:15

Google Chrome ќе добие нова функција наречена Store reviews односно Рецензии за продавница. Функцијата ќе користи вештачка интелигенција за прикажување резиме од независни рецензии за продавницата или веб-локацијата што ја посетувате. Притоа како извор на податоците за приказот функцијата ќе ги користи податоците од доверливи платформи за независни рецензии какви што се Trust Pilot, ScamAdvisor и други.

Резимето се прикажува во облачето со информации за страницата што се појавува кога ќе кликнете на иконата веднаш до URL-то на веб-локацијата. Ова отвора информативен панел со различни детали за страницата.

Во оваа табла има дел наречен Рецензии за продавница. Ако кликнете на него, ќе видите кратко резиме на репутацијата на веб-локацијата генерирана од вештачка интелигенција врз основа на прегледи од повеќе извори. Ова може да ви помогне брзо да формирате некоја општа слика за кредибилитетот и доверливоста на страницата без да морате да посетувате повеќе веб-локации во потрага по рецензии од добри извори.

Оваа функција не е единствената функција со вештачка интелигенција која доаѓа на Chrome. Како што неодамна објави BleepingComputer, подобрената заштита на Chrome ќе користи вештачка интелигенција за заштита од опасни страници, преземања и екстензии во реално време. Порано ова се нарекуваше проактивна заштита, но сега на сцена стапува "заштитата со вештачка интелигенција".

Google работи на уште неколку функции за Chrome кои ќе вклучат вештачка интелигенција, а за нив ќе дознаеме повеќе во наредните месеци.

Клучни зборови: