Рубрика: Енергетика
Изумираат инженерските професии кои се тесно поврзани со користењето на фосилни горива
Објавено на 14.10.2024 - 15:15

Преминот кон зелена енергија е неизбежен и Македонија мора да го следи глобалниот тренд на намалување на употребата на фосилни горива. Овој процес ќе бара големи промени во индустријата и економијата, особено во поглед на инженерските професии поврзани со термоенергетиката и моторите со внатрешно согорување. Ова е предизвик, но и можност за создавање на нови, одржливи работни места и индустрии.

Македонија, како дел од глобалните и европските процеси за премин кон одржливи и зелени енергетски извори, се соочува со предизвикот за напуштање на производството на електрична енергија од фосилни горива, особено јагленот, па во блиска иднина ќе мораме да се ориентираме кон обновливи извори на енергија како сончевата и ветерната енергија, хидроенергијата и енергијата од биомаса (а зошто да не и нуклеарната енергија). Оваа трансформација е дел од широката иницијатива за намалување на емисиите на стакленички гасови и постигнување на целите за декарбонизација кои се поставени од страна на Европската унија и меѓународните договори за климатски промени, како Парискиот договор. Процесот има директни економски и социјални импликации, вклучувајќи ја и иднината на професиите поврзани со термоенергетиката и моторите со внатрешно согорување.

Во рамките на Европскиот зелен договор, ЕУ се обврза на драстично намалување на емисиите на јаглерод диоксид до 2030 година, со крајна цел постигнување на нето нулта емисии до 2050 година. Ова подразбира постепено напуштање на производството на електрична енергија од фосилни горива, вклучувајќи јаглен, природен гас и нафта. Главниот механизам за остварување на овие цели е Системот за тргување со емисии, кој бара од индустриите да плаќаат за своите емисии на јаглероден диоксид, создавајќи економски стимул за намалување на загадувањето. Како дел од овие препораки, секоја земја-членка на ЕУ е задолжена да развие свои национални стратегии за транзиција кон зелена енергија. Македонија, како кандидат за членство во ЕУ, е обврзана да ги усогласи своите енергетски и климатски политики со европските стандарди. Ова значи и дека постојните термоелектрани на јаглен ќе треба да бидат затворени или трансформирани за да користат почисти технологии. Македонија своите обврски кон Енергетската заедница ги презема со усвојувањето на неколкуте стратешки документи поврзани со енергетската транзиција. Во Националниот план за енергија и клима предвидено е намалување на емисиите на стакленички гасови за 82% до 2030 година, споредено со нивоата од 1990 година. Во овој контекст, многу логично е дека: иако не многу транспарентно, но прилично интензивно, се работи на процесот на постепено затворање на термоелектраните кои се базираат на јаглен, како што се ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј.

Како резултат на овие промени, професиите поврзани со традиционалното производство на електрична енергија од фосилни горива, како што се инженерите термоенергетичари, ќе бидат професии кои многу скоро ќе станат застарени односно ќе „изумрат“. Овие професии ќе треба да бидат заменети со нови во секторите за обновлива енергија, енергетска ефикасност и енергетска трансформација. Слично на тоа и инженерските насоки за мотори со внатрешно согорување ќе станат помалку релевантни, со оглед на тоа што автомобилската индустрија брзо се движи кон производство на електрични возила. Европската комисија веќе предложи забрана за продажба на нови возила со мотори на внатрешно согорување по 2035 година, што значи дека инженерите кои работат во овој сектор ќе треба да се прилагодат на новите трендови и да се преквалификуваат во насоките на електрични мотори и батериски технологии.

Преминот кон зелена енергија е неизбежен, и Македонија мора да го следи глобалниот тренд на намалување на употребата на фосилни горива. Овој процес ќе бара големи промени во индустријата и економијата, особено во поглед на инженерските професии поврзани со термоенергетиката и моторите со внатрешно согорување. Ова е предизвик, но и можност за создавање на нови, одржливи работни места и индустрии. Со правилно планирање, инвестирање во нови технологии и преквалификација на работната сила, би можеле успешно да ја поминеме оваа транзиција, создавајќи нови можности во секторите на обновливите енергии и енергетската ефикасност.

 

Автор: дипл. маш. инж. Дениз Мустафаоглу, преземено од Инженери на Република Македонија

Клучни зборови: