Крипто измамниците ја хакирале веб-страницата на LEGO во петокот навечер во обид да им продадат на посетителите лажна дигитална валута. Напаѓачите успеале да ги пробијат серверите на производителот на играчки и да ги заменат рекламите на LEGO на почетната страница со банери на кои биле прикажани токени со логото на LEGO во златна боја.
„Нашата нова LEGO монета официјално излезе! Купете ја новата LEGO монета денес и отклучете ги тајните награди!“
Линкот „Купи сега“, ги упатувал посетителите кон платформата Uniswap каде измамените можеле да купат лажни LEGO токени користејќи Ethereum. Измамниците успеале да измамат само неколку невнимателни клиенти, па проценетата штета изнесува само неколку стотици долари. Напаѓачите не успеале да ја искористат ситуацијата и да заработат повеќе користејќи вообичаени техники за извлекување криптовалути од паричниците на корисниците.
За сајт од калибарот на LEGO, изненадувачки е што хакерите го трошат својот пристап на крипто измама. Многу повообичаено е инјектирањето на злонамерен JavaScript на веб-страници што овозможува кражба на кориснички податоци и информации за платежни картички. Ваквите податоци хакерите обично ги користат за да ги уценуваат компаниите, да ги продаваат на темната мрежа или да ги користат за онлајн купувања.
Портпаролот на LEGO го потврдил инцидентот, наведувајќи дека „На 5. октомври 2024 година, на LEGO.com накратко се појави неовластен банер. Брзо беше отстрането и проблемот беше решен“.
Компанијата не даде дополнителни детали за нападот, но тврди дека „ниту една корисничка сметка не била загрозена и клиентите можат да продолжат да купуваат како и обично“.
„Причината е идентификувана и спроведуваме мерки ова да не се повтори“, додаваат од компанијата.
На сличен начин, измамници неодамна ја искористија возбудата околу iPhone 16 и го преплавија YouTube со лажни видеа во кои лажниот Тим Кук “во живо” бара од гледачите да инвестираат во криптовалути со ветување за двојна добивка.