Рубрика: Астрономија и астронаутика
Втората генерација на Старлинк сателитите останува голема пречка за радио астрономијата
Автор: Александар Шулевски
Објавено на 30.09.2024 - 14:45

Втората генерација на Старлинк сателитите испушта непланирано радиозрачење кое е и до 30 пати повисоко од порано, и ги попречува (радио) астрономските набљудувања. Ова го потврдија астрономите користејќи го радиотелескопот LOFAR кој работи на ниски фреквенции и е управуван од страна на институтот за радиоастрономија, ASTRON, во Холандија.

Телескопот започна набљудувачка програма за следење на непланирано зрачење од овие сателити со цел да се провери дали втората генерација на ‘соѕвездието’ од сателити е „помалку сјајна“ од првата, која исто така имаше проблеми со создавање на радио пречки.

И покрај ветеното од страна на компанијата Спејсекс (SpaceX) која е нивен сопственик, дека сателитите имаат изменет дизајн кој ќе резултира со намалување на зрачењето, сепак тоа не е случај, и работите стануваат се полоши. Овој развој на настаните има потенцијал да ги „заслепи“ радиотелескопите и да им одземе голем дел од времето за набљудување, со што научните истражувања ќе претрпат голема штета. Имајќи предвид дека сателитските соѕвездија се состојат од илјадници сателити, неколку од нив ќе бидат присутни во видното поле на телескопите без разлика кој дел од небото тие го набљудуваат.

Споредено со најбледите астрофизички извори на зрачење, овие сателити се и до десет милиони пати посјајни.

Јасно е дека човештвото се приближува кон одлучувачка точка кога е потребно да се активираме во заштита на небото кое е наш прозорец за истражување на вселената од површината на Земјата“, – велат авторите на научниот труд објавен неодамна во Astronomy and Astrophysics

 

Извор Аstron

Клучни зборови: