Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМС) постојано ги следи најновите трендови за дијагностика и третман на животните, па во таа насока по повод Деновите на ветеринарна медицина 2024, ги поканува докторите по ветеринарна медицина да се пријават и да земат директно учество на интерактивната и на практичната работилница за „Ултразвучна дијагностика на абдомен и ехокардиографија во мала пракса“ предводена од еминентниот хрватски специјалист Брајко, што ќе се одржи во Охрид на 22 септември, недела.
Фокусот на настанот ќе биде соодветното сетирање на ултразвучните машини, како и правилното и темелно прегледување на главните абдоминални органи и срцето кај кучињата и мачките.
На работилницата, која е наменета за доктори по ветеринарна медицина, главен предавач ќе биде мр. сц. Томислав Брајко, специјалист по ултразвучна дијагностика и радиологија од Хрватска, со долгогодишно искуство, афирмиран специјалист во регионот и пошироко.
М-р сци. Томислав Брајко, доктор по ветеринарна медицина
„Ултразвучната дијагностика во последните години го достигна својот подем во ветеринарната медицина, особено кај докторите по ветеринарна медицина кои работат со домашни миленици. За овозможување за соодветна дијагностика и третман на домашните миленици неопходно е совладување на оваа дијагностичка техника“, наведуваат од Факултетот.
Како што информираат од Факултетот, оваа работилница ќе се фокусира на тоа како соодветно да се сетираат ултразвучните машини и како да се прегледаат главните абдоминални органи и срцето кај кучињата и мачките.
„За сите органски системи ќе бидат презентирани техниките за добивање на добра слика/снимка, каков е нормалниот изглед на одделни органи, како и краток преглед на најчестите патолошки промени. Ќе бидат опфатени прегледи на црниот дроб, билијарниот систем, слезената, гастроинтестиналниот и уринарниот систем“, образложуваат од ФВМС.
Преку практични самостојни прегледи со современи ултразвучни апарати, со поддршка од мр.сц Брајко и колеги од Универзитетската ветеринарна болница, учесниците ќе имаат можност и самите да ги совладаат презентираните техники на ултразвучен преглед на абдомен кај кучиња.
„На оваа работилница ќе се опфати и основен ехокардиографски преглед кај кучиња и мачки, како и најчесто дијагностицираните патологии на кардиоваскуларниот систем“, посочуваат од ФВМС.
Од Факултетот нагласија дека докторите по ветеринарна медицина мора постојно да ги надградуваат своите знаења за дијагностика и за лекување на животните, како и да ги следат светските практики со кои се модернизираат и унапредуваат начините за третман.
Во таа насока, од ФВМС истакнуваат дека од исклучителна важност е докторите по ветеринарна медицина кои сакаат да им понудат најдобра грижа на домашните миленици кои имаат здравствени проблеми, да бидат дел од оваа работилница што ќе им овозможи квалитетна едукација во тој правец.
Сите учесници ќе добијат сертификат со бодови определени од Ветеринарната комора на Македонија.
Деталите за работилниците можете да ги дознаете на линкот dvm2024.mk/workshop/
Факултет за ветеринарна медицина – Скопје