Претходно видовме (тука) дека доколку се затворат подводните понори во заливите кај Мала Горица и Пустец во Албанија и доколку не се случат драстични климатски промени, би било можно да се сопре намалувањето на нивото на Преспанско Езеро.
Сега ќе го разгледаме сценариото со климатските промени, под услов да не се затворат понорите. Постојат сериозни научни студии (Milli, 2011; Tsakas, 2011) кои утврдиле корелација помеѓу Северноатланстаката осцилација на воздушниот притисок и температура (North Atlantic Oscillation – NAO) и намалувањето на врнежите во регионот на Медитеранот. Фазите на NAO траат долго, со децении, при што моменталниот тренд предвидува намалување на врнежите од околу 30% и зголемување на средните температури за 1-1,5 Целзиусови степени до 2100 година, односно до крајот на векот. Инаку, зголемувањето на средногодишната температура за 1 ᵒC предизвикува зголемување на испарувањето за околу 5%-7%.
Во овој момент не може точно да се каже колкаво ќе биде намалувањето на врнежите, поради што ќе направиме симулации во неколку различни сценарија. На сликата е прикажано процентуалното намалување на волуменот на водата во големото Преспанско Езеро во овие четири сценарија.
Со сина линија е означено „статус кво“ сценариото 0%/0%, односно претпоставката, дека нема да има намалување на врнежите и нема да има зголемување на испарувањето на водата од езерото до крајот на векот.
Екстремното, но прилично веројатно сценарио 30%/6% (жолтата линија), претпоставува намалување на годишното количество на врнежи за 30% и зголемување на годишното испарување за 6% до крајот на векот.
Освен овие две крајни сценарија анализирани се уште две сценарија, прикажано со портокалова и сива линија.
Волуменот на водата на езерото во 2024 година го пресметуваме од последниот познат податок за волуменот од 2008 година, кој тогаш при кота 842,75 m изнесувал 2.475 милиони m³ (според трудот „Климатски и антропогени влијанија врз водните резерви на Преспанско Езеро“ од м-р Васко Стојов од 2020 год.). На ден 12 септември 2024 година, при кота 841,52 m, односно за 1,2 m пониско од 2008 година, при површина на езерото од 252 km² езерото содржи за 300 милиони m³ помалку вода, односно моменталниот волумен на водата изнесува околу 2175 милиони m³.
Користејќи ги билансните проценки од истиот труд за приливот на вода од врнежи, како над самото езеро, така и од околното копно (417 милиони m³/година), за испарувањето на водата и загубите за наводнување (222,6 милиони m³/година), претпоставувајќи дека одливот на вода низ понорите под Галичица би останал непроменлив, применувајќи модел за линеарно намалување на врнежите и линеарно зголемување на испарувањето, добиено е намалувањето на волуменот на водата во големото Преспанско Езеро до 2100 година, како што е прикажано на дијаграмот.
Симулациите покажуваат дека во најнеповолното сценарио 30%/6% езерото би ја изгубило водата и би пресушило околу 2078 година, додека во „статус кво“ сценариото би пресушило околу 2104 година, под услов врнежите да не се зголемат и да продолжи растот на испарувањето поради глобалното затоплување.
Последните 62 години бележиме постепено намалување на врнежите и загуба на водата, а овој неповолен тренд засега не покажува знаци на сопирање и реверзирање (обрнување). Досега се сметало дека Преспанско Езеро доживува осцилации на нивото со временски период од 25 до 40 години. Овој пат, за жал, после 62 години не само што не се забележува реверзирање, туку трендот дополнително се засилува поради сé подолготрајните суши.
Предоженото затворање на подводните понори во Албанија секако би имало позитивно влијание, односно би го забавило намалувањето на нивото, но за жал во услови на растечко глобално затоплување не би можело сосема да го спаси езерото. Но, подобро е сепак тоа да се стори денес, за да евентуално кон крајот на векот, со евентуално сопирање на неповолните климатски промени, езерото сепак да може да се врати во некогашната состојба.
Во светот моментано постојат десетици езера кои се во фаза на исчезнување, така што мораме да бидеме свесни дека истото може да се случи и на Преспанско Езеро.