Уште во 1906 година српскиот географ и природонаучник Јован Цвијиќ поставил хипотеза дека од изворите кај Тушемиште и Св. Наум во Охридско Езеро се слева вода од Преспанско Езеро. Шеесетина години подоцна, со помош на масена спектроскопија на водата, односно преку учеството на изотопите на кислородот О-18 и тешкиот водород (деутериум) H-2 во водата е утврдено дека водата од изворите на Охридско Езеро навистина одговара на изотопниот состав на водата од Преспанско Езеро.
Освен тоа, утврден е уште и волуменскиот удел на водата од Преспанско Езеро и водата што доаѓа од инфилтрација на врнежите низ карстот на Галичица.
Основните податоци за приливот и одливот на вода во езерото даваат извесни знаци на надеж. Од научниот труд „Карстните извори во Албанија и нивниот менаџмент“ од Ромео Ефтими и група автори (2019) ги добиваме податоците за вкупниот прилив на вода во Охридско Езеро од изворите кај Тушемиште и Св. Наум.
Eден од понорите на Преспанско Езеро на плажата кај Пустец, Албанија. Поради сушата и намалувањето на нивото на езерото, водата од тука повеќе не понира, но најверојатно постојат и други, подводни понори во заливот Глобочени/Пустец. Видео запис: Љупче, с. Пустец, Албанија
Од приливот кај Тушемиште (2,5 m³/s, односно 79 милиони m³/год.) 53% од водата (1,3 m³/s, односно 41 милиони m³/год.) доаѓа од Преспанско Езеро, додека 47% (1,2 m³/s, односно 38 милиони m³/год.) доаѓаат од инфилтрација на врнежите низ карстот на Галичица.
Од приливот кај Св. Наум (5,58 m³/s, односно 176 милиони m³/год.) 38% од водата (2,12 m³/s, односно 67 милиони m³/год.) доаѓа од Преспанско Езеро, додека 62% (3.46 m³/s, односно 109 милиони m³/год.) доаѓаат од инфилтрација на врнежите низ карстот на Галичица.
Вкупно од Преспанско Езеро преку овие два извори се слеваат 3,42 m³/s, односно 107,7 милиони m³/год. Ова количество е повеќе од двојно поголемо од годишните загуби од Преспанско Езеро од околу 53 милиони m³/год., како што ќе видиме од билансот на водите подолу.
Билансот на водите во Преспанско Езеро е следниот:
• Прилив од врнежи (над вода и на копно): 417,6 мил. m³/год.
• Загуба од испарување: 223,6 мил. m³/год.
• Одлив од истекување/понирање (не само од изворите кај Тушемиште и Св. Наум): 248 мил. m³/год.
• Одлив на вода за наводнување: околу 14 мил. m³/год., иако постојат проценки дека во последниве години е речиси двојно поголем, односно околу 24 мил. m³/год.
Рекапитулација:
• Прилив: 417,6 мил. m³/год.
• Одлив: 474 мил. m³/год.
• Нето загуба на вода од Преспанско Езеро: околу 52,4 мил. m³/год., односно 1,66 m³/s.
Оваа просечна загуба од 52,4 мил. m³/год. всушност е причината за намалувањето на нивото на Преспанско Езеро од околу 20 cm/год.
Споредувајќи го проценетиот одлив преку изворите кај Тушемите и Св. Наум (107,7 милиони m³/год.) и нето загубата на вода (52,4 мил. m³/год.), којашто се одразува како намалување на нивото на езерото, знаејќи дека најголемиот дел на водата што извира кај Тушемиште и Св. Наум доаѓа од понорите во заливот кај селата Долна Горица и Пустец во Албанија, заклучуваме дека со намалување на понирањето може да се сопре намалувањето на нивото на Езерото, па дури постепено и да се зголеми.
Заливот кај с. Долна Горица во Албанија и пресушениот понор Завер (Zaver/Zaveri), од каде што порано се сметало дека понира водата од Преспанско Езеро и извира кај Тушемиште и Св. Наум во Охридско Езеро. Од другата страна на заливот се гледа селото Туминец, исто така во Албанија. Зад него, од другата страна на Пречна Планина се наоѓа македонското село Коњско.
Со црвена стрелка е означен камениот ѕид, што веројатно селаните од Долна Горица го изградиле за да го „изолираат“ понорот од езеото и да го намалат понирањето на водата.
Со сина стрелка е означено местото на поранешниот понор Завер, што денеска е сува јама, каде то расте вегетација.
Фото: Дејан Трајковски
Авторите на трудот за карстните извори во Албанија изнесоа претпоставка дека водата се губи единствено од понорот Завер (Zaver/Zaveri) во заливот кај Долна Горица и Туминец. Поттикнат од оваа претпоставка, лично го посетив Завер, но се уверив дека тој е пресушен веќе неколку години (сината стрелка на втората фотографија). Дури се гледа и ѕид од камен, со чија помош веројатно селаните се обиделе да го намалат одливот кон понорот (црвената стрелка на втората слика).
Очигледно е дека понирањето не се случувало само во Завер кај Долна Горица. Разговарајќи со селаните во Пустец дознав дека на брегот имало повеќе помали понори, кои поради сушата денеска се пресушени (на видеото).
Бидејќи во изворите кај Тушемиште и Св. Наум сé уште извира вода со речиси истиот проток, заклучуваме дека има уште подводни извори во заливите кај Долна Горица и Пустец, каде растојанието до Охридско Езеро е најмало.
Доколку властите на Албанија би се согласиле и би се обезбедиле меѓународни донации, би можело тие подводни понори да се откријат со помош на нуркачи и да се затрупаат со крупен камен. На останатите понори, кои моментално се наоѓаат на копно, би можеле да се вградат челични затворачи, заради идна регулација на истекот.
На овој начин, при моменталната состојба со врнежите би успеале да го сопреме намалувањето на нивото на Преспанско Езеро, барем во следните 2-3 децении.
Многу поголем проблем претставува прогнозираното намалување на врнежите до крајот на векот поради влијанието на Северноатлантската осцилација на воздушниот притисок (North Atlantic Oscillation – NAO). Други студии (Milli, 2011 и Tsakas, 2011) прогнозираат намалување на врнежите над нашиот регион и пошироко над Медитеранот за 30% до 2100 година. Тоа би го намалил приливот на вода за 125 мил. m³/год., за чие компензирање би требало теоретски сосема да го сопреме истекот преку понорите од Преспанско Езеро, што е практично невозможно.
Глетка на Преспанското Езеро од падините на планината Баба над селото Сливница Фото: Википедија/Македонец, CC BY-SA 3.0
Заливот кај с. Долна Горица во Албанија и пресушениот понор Завер (Zaver/Zaveri), од каде што порано се сметало дека понира водата од Преспанско Езеро и извира кај Тушемиште и Св. Наум во Охридско Езеро. Од другата страна на заливот се гледа селото Туминец, исто така во Албанија. Зад него, од другата страна на Пречна Планина се наоѓа македонското село Коњско.
Со црвена стрелка е означен камениот ѕид, што веројатно селаните од Долна Горица го изградиле за да го „изолираат“ понорот од езеото и да го намалат понирањето на водата.
Со сина стрелка е означено местото на поранешниот понор Завер, што денеска е сува јама, каде то расте вегетација.
Фото: Дејан Трајковски