Рубрика: Географија
Македонските средношколци со нови медали – овојпат од Светската олимпијада по геонауки IESO2024
Објавено на 16.08.2024 - 19:15

Уште еден одличен настап на македонските средношколци на меѓународните научни олимпијади, овојпат во Кина. Нашиот национален олимписки тим на 17-та Светска олимпијада по геонауки IESO2024, на која учествуваа 300 ученици, ментори, наставници, професори, истражувачи од целиот свет, успеа да освои една сребрена и пет бронзени медали на натпреварите во неколку категории од областа на геонауките.

Веста за успехот на нашите средношколци нас социјалните мрежи ја споделија Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ, и еден од менторите на македонскиот олимписки тим, и Македонското географско друштво.

Два бронзени медали беа освоени во категоријата индивидуален тест на знаења, а еден сребрен и три бронзени медали во категоријата за интернационална тимска презентација, каде средношколците се натпреваруваа со конкуренција од 140 ученици од 35 држави од сите континенти.

Ивана Атанасоска, ученичка во СОУ „Мирче Ацев“ во Прилеп, и Милена Ангелова, од СОУ „Методија Митевски Брицо“ во Делчево, се закитија со бронзени медали во категоријата индивидуален тест на знаења.

Останатите медали беа освоени во категоријата за интернационална тимска презентација. Притоа Михаела Павловска од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје освои сребрен, а Атанас Ташковски од СОУ „Наум Наумовски Борче“ во Крушево, заедно со Милена Ангелова и Ивана Атанасоска, освоија бронзени медали.

Ментори на македонскиот олимписки тим беа проф. д-р Ивица Милевски и проф. д-р Свемир Горин од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

ЕМИТЕР им честита на учениците и нивните ментори за постигнатиот успех и им посакуваме уште многу нови медали и научни успеси и достигнувања.

Клучни зборови: