Рубрика: Хемија
Таинствен извор на кислород откриен на морското дно – научниците во шок
Автор: Александар Шулевски
Објавено на 26.07.2024 - 17:30

На морското дно откриен извор на ‘темен кислород’

Уште од првите часови по биологија или географија знаеме дека за да постои живот на Земјата, потребен е кислород. И, дека тој кислород најпрво го произвеле (пред многу, многу, ама навистина мнооогу години) микроскопски зелени алги, кои живееле на површината од океанот. На тој начин, атмосферата на раната Земја се трансформирала од редуцирачка (без кислород) во оксидирачка.

Секако, ова објаснување е логично, затоа што зелената е боја која укажува на хлорофил – пигмент што ја претвора сончевата светлина во енергија, корисна за носителот на пигментот (лист од дрво или алга). И, затоа овие алги живееле на површината од океанот, оти сончевата светлина продира само до двесте метри длабочина. Подлабоките слоеви на океанот се темни, и се хранат со организми што паѓаат одозгора, или енергија добиена од хидро-термални извори на дното.

Затоа, како шок доаѓа најновата вест објавена овој месец во списанието Nature: група истражувачи јавуваат дека откриле извор на кислород – на океанското дно!

Нaчинот на кој дошле до ова откритие е особено интересен. Специјално направена автономна подморница носи сад во кој има сензори и тој се поставува така што отворениот дел е втиснат во седиментот што постои на дното. Па така, ако има ослободени гасови со тек на време, тие може да се измерат. Истражувачите се зачудиле кога измериле дека се ослободило големо количество на кислород, чија концентрација се зголемувала во период од неколку дена, за потоа постепено да почне да се намалува.

Полиметалнa грутка пронајдена на морското дно, за којашто истражувачите мислат дека можеби е вклучена во процесот што генерира кислород. Фото: Камил Бриџвотер (Camille Bridgewater)

Ова е целосно неочекувано, и никој не знае која е причината за овој феномен. Исклучени се бактерии кои би ослободувале кислород бидејќи во експериментот нема извори на енергија кои би можеле да поттикнат такви процеси. Но, она што било присутно, се топчести формации на збир на елементи, налик на мали камчиња, со дијаметар од неколку сантиметри.

Тие се наоѓаат насекаде на дното од океанот и се формирале во тек на милијарди години. Една од хипотезите е дека тие создаваат кислород преку процес на електролиза. Мерлива е мала потенцијална разлика, но сепак недоволна за електролиза, а експерименти со нив на површината не успеале да произведат кислород. Дали можеби улога во процесот има високиот притисок во длабочините?

За мистеријата да биде поголема, производство на кислород доесега е забележано само во еден дел од океаниот, во областа помеѓу Хавајските острови и Мексико. Овие камчиња, поради тоа што претставуваат високо концентриран извор на метали, стануваат мета на плановите за рударење на морското дно. Дали ризикуваме да уништиме значаен процес за производство на кислород пред да разбереме за што всушност станува збор?

Истражувањата продолжуваат, додека компаниите за рударење на морското дно се нестрпливи што побрзо да започнат со работа. Таму долу може да се направи богатство, но и да се уништат еони на рамнотежа врз која почива способноста на Земјата да е лулка на животот, засега единствен познат во Вселената...

Клучни зборови:
На морското дно откриен извор на ‘темен кислород’

На морското дно откриен извор на ‘темен кислород’

Полиметалнa грутка пронајдена на морското дно, за којашто истражувачите мислат дека можеби е вклучена во процесот што генерира кислород

Полиметалнa грутка пронајдена на морското дно, за којашто истражувачите мислат дека можеби е вклучена во процесот што генерира кислород. Фото: Камил Бриџвотер (Camille Bridgewater)