Една од ретките предности што ги донесе глобалното затоплување е отворањето на Северозападниот премин – поморска рута што минува низ водите на канадскиот арктички архипелаг, кој од 2007 година е повремено пловен, при добро време, поради намалувањето на арктичкиот мраз. Но, работите и не се баш идеални. Се чини дека најсеверниот дел од Преминот не станува почист и попловен. Напротив. Ова парче од рутата станува сѐ повеќе пренатрупано со дебели парчиња морски мраз што пристигнуваат од север. Ова го покажува анализата објавена во Communications Earth & Environment.
Северозападниот премин е поморска рута сместена северно од Канада, што ги поврзува Атлантскиот и Тихиот океан, а поминува низ канадскиот арктички архипелаг во Арктичкиот океан. Многумина сметаат дека, поради високите температури предизвикани од климатските промени, со текот на времето овој воден пат сѐ почесто и подолго ќе останува без морски мраз, што ќе ја овозможи пловидба низ овој регион и со тоа многу побрза морска врска помеѓу Европа и Азија. Имено, во моментов бродовите кои патуваат помеѓу Стариот континент и Далечниот Исток мора да поминуваат низ Панамскиот канал. Со транзитирање низ канадскиот арктички архипелаг тие би заштедиле околу 4000 километри поминати на море.
Карта на која се прикажани различните рути за превоз во Северозападниот премин: северните се означени со сина и жолта боја
Алисон Кук, научник од Шкотското здружение за морска наука и од Катедрата за географија, животна средина и геоматика при Универзитетот во Отава (Канада), заедно со колегите ги проучувал мапите за распределбата на морскиот мраз добиени од Канадската ледна служба. Целта на истражувачите била да го пресметаат просечниот број на недели во годината кога неколку десетици километри долги делови од бродските рути на канадскиот Арктик биле проодни за бродови способни да пловат низ мраз со дебелина до 70 сантиметри бо периодот помеѓу 2007 и 2021 година.
Анализата покажала дека преминот не се ослободил. Напротив. Во разгледуваниот временски период, за три од сегментите на неговиот најсеверен дел, неделите во кои пловидбата била возможна, се намалиле. На пример, сезоната на пловност во источниот дел на Бофоровото Море е скратена од 27 на 13 недели. Во теснецот Меклур, пак, таа се намалила од 6 и пол на 2 недели годишно.
Ситуацијата се должи на присуството на неколку “тесни грла” со премногу мраз во морето. Причината за оваа состојба била лоцирана во приливот на дебел морски мраз во областа. Мразот доаѓал од регионот северно од Гренланд, наречен Последна ледена област. Се работи за последниот резервоар на древен, и токму затоа густ морски мраз кој се спротивставува на притисоците на глобалното затоплување. Ова добро е прикажано на анимацијата подолу, што ја изработи НАСА врз основа на добиените сателитски податоци.
Се смета дека во следните неколку години, и последниот арктички морски мраз што ќе преживее дури и летната сезона, ќе се најде во овој дел од океанот. Глобалното затоплување, што засега ги поштеди овие погусти и поотпорни резерви, го направи мразот понестабилен и подвижен. Овозможувајќи сантите да патуваат појужно и да направат проблеми и за големите мразокршачи.
Откритието би можело да има последици не само за пловидбата, туку и за животите на крајбрежните заедници на канадскиот Арктик, кои својата егзистенција ја добиваат од овие води.