Рубрика: Физика
Прво злато за Mакедонија на Eвропската олимпијада по физика
Објавено на 20.07.2024 - 15:00

Друштвото на физичарите на Република Македонија на нивниот фејсбук профил објави дека нашиот генијалец Јан Стојановски, го освои првиот златен медал за Македонија на 8. Европската олимпијада по физика што од 15 до 19 јули оваа година се одржа во Кутаиси, Грузија.

Честитки за Јан за кој ДФРМ не се сомневаше дека ќе го донесе првото историско злато од оваа олимпијада, имајќи ги предвид неговото знаење од физика како и досегашните освоени награди на олимпијадите по физика: сребрен медал на 7. Европска олимпијада по физика минатата година во Хановер, Германија, бронзениот медал на 53. Меѓународна олимпијада по физика одржана во Токио, Јапонија во 2023 година и златниот медал на 5. Балканска олимпијада по физика одржана во Никозија, Кипар во 2022 година”, напишаа од Друштвото на физичарите на Република Македонија на нивниот фејсбук профил.

Јан Стојановски ќе ги брани боите на Македонија и на Меѓународната олимпијада по физика што од 21 до 29 јули 2024 година треба да се одржи во Исфахан, Иран. Се надеваме дека и и таму ќе успее со своето знаење да се избори за едно од трите места на тронот, ако не и да се искачи на највисокото.

На Олимпијадата во Грузија покрај Јан Стојановски, кој е ученик во ПСУ ‘Јахја Кемал’ – Скопје, награди за успешно учество (пофалници) добија и Матеј Гелев (исто така ученик во ПСУ ‘Јахја Кемал’ – Скопје), Емилија Николовска (ученичка во Математичко-информатичката гимназија во Скопје) и Димитриј Анѓеловски (ученик во СУГС ‘Јосип Броз Тито’ во Скопје). Достојно претставување на олимпијадата имаше и Дамјан Стојанов ученик во ПСУ ‘Јахја Кемал’ во Скопје.

Тимот го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ – Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ – Скопје и претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ.

На 8. Европска олимпијада што се одржа од 15 до 19 јули учествуваа 54 држави и тоа 36 држави од Европа и 18 држави надвор од Европа. Секоја од државите на олимпијадата имаше право да учествува со тим од 5 ученици.

Институтот за физика и Природно-математичкиот факултет, отстапувајќи им простор и опрема за користење на македонските учесници на олимпијадата во подготвителниот период. Притоа, како што дознаваме од ДФРМ водачите на тимот го презеле најголемиот товар од подготовките на учениците, а добар дел од своето слободно време во подготовките го вложиле и дипл. инж. Гоце Геговски и проф. д-р Трифче Сандев од Институтот за физика при ПМФ во Скопје.

За жал, како и за многу други работи од сферата на образованието и науката, државата не даде некоја финансиска помош за промоција на државата на ова поле, па најголемиот товар за учеството падна на родителите на учениците, а остатокот од средствата го обезбеди Друштвото на физичарите на Република Македонија.

Им честитаме на учесниците и се надеваме на уште поголеми успеси на идните натпревари

Клучни зборови: