Независно од тоа дали самите имате чувство дека во последно време ви се влошува меморијата или тоа го забележува некој друг, оваа забелешка не треба лесно да се отпише. Според научниците заборавноста може да претставува ран предупредувачки сигнал за појавата на деменција од Алцхајмеров тип. Според студијата објавена во научното списание Neurology, луѓето кои за прв пат пријавиле когнитивно опаѓање или,пак, некој што живее со нив го забележал тоа, почесто имаат аномални нивоа на наслаги од тау протеин во мозокот, карактеристични промени типични за Алцхајмеровата болест во мозокот.
Проблемите со меморијата можат да имаат различно потекло и сами по себе не треба да се сметаат за алармантен факт. Но, од друга стана тие не треба ниту лесно да се отфрлаат без за тоа да го известите вашиот лекар. Овој прв сомнеж за проблеми со меморијата всушност би можел да се искористи за дијагностицирање на Алцхајмеровата болест во рана фаза, кога фармаколошката поддршка е покорисна и поефикасна во справувањето со симптомите на болеста.
Каде ли ги оставив клучевите?
Група невронаучници, предводена од Ребека Е. Амариљо од Медицинскиот факултет Харвард во Бостон, наоравиле невропсихолошка проценка на 675 лица на просечна возраст од 72 години, кои сè уште немале формална дијагноза за когнитивно опаѓање. Учесниците беа подложени на церебрални скенирања за да се утврди дали во нивните мозоци имаат наслаги од протеинот бета-амилоид – невротоксични акумулации карактеристични за Алцхајмерова болест. 60% од пациентите имале покачени нивоа на амилоид во мозокот, што значи дека биле изложени на ризик да развијат деменција од типот на Алцхајмерова болест, иако во тоа време немале никакви когнитивни потешкотии.
Пред да ја дознаат количината на амилоид присутен во нечиј мозок, учесниците биле замолени да пополнат прашалник за субјективна проценка на когнитивно опаѓање, односно субјективна перцепција за влошување на нивните когнитивните способности. Тестот, кој исто така им бил даден на нивните партнери или други лица што живеат со нив, вклучувал прашања од типот: “Дали мислите дека вашата меморија претрпе значително опаѓање, споредено со минатата година?” или “Дали, споредено со лани, сега потешко управувате со парите?”
Истражувачите, исто така, ги проучиле и мозочните скенови со цел да ги утврдат нивоата на заплеткувања на тау протеинот во мозокот на учесниците. Дури и присуството на овие агрегации е фактор на ризик за Алцхајмерова болест, а тау протеинот е присутен во големи количини кај луѓе кои исто така имаат зголемени количини на амилоидни наслаги на нервните клетки.
Учесниците кои имале големи поплаки за сопствената меморија, или пак примиле големи забелешки од лицата кои живеат со нив во врска со овој проблем, имале повисоки нивоа на заплеткувања на тау протеин во мозокот. Врската била уште поочигледна кај оние кои имале високи нивоа на амилоидни наслаги.
„Нашите резултати укажуваат дека распрашувањето на постарите лица кои имаат покачени биомаркери за Алцхајмерова болест, за субјективно да го проценат нивното когнитивно опаѓање може да биде корисно за рана дијагноза“, заклучува Амариљо.
Она што му се забележува на ова истражување како недостаток е тоа што поголемиот дел од учесниците биле белци и имале високо ниво на образование. Следните студии во оваа насока ќе треба да опфатат репрезент што ќе ја отсликува пошироката, реална популација.