Вселенскиот телескоп Џејмс Веб им овозможи на астрономите за прв пат да го видат формирањето на најраните галаксии во универзумот во периодот пред 13,3 до 13,4 милијарди години. Овие галаксии се формирале кога универзумот бил стар само околу 400 до 600 милиони години, односно кога тој бил приближно 3 до 4% од неговата сегашна возраст. Откритието ќе помогне да се изгради слика за историјата и еволуцијата на универзумот.
Истражувачите од Институтот Нилс Бор при Универзитетот во Копенхаген, Данска, ги користеле податоците на JWST за да го набљудуваат раѓањето на три од првите галаксии во космосот. Нивните наоди се објавени минатата недела во списанието Science.
„Можете да се каже дека ова се првите „директни“ слики од формирањето на галаксија што воопшто сме ги виделе“, вели првиот автор Каспер Елм Хајнц. „Иако Џејмс Веб претходно нѝ ги покажа раните галаксии во подоцнежни фази од еволуцијата, овде сме сведоци на самото нивно раѓање, а со тоа и создавањето на првите ѕвездени системи во универзумот“.
“Во текот на [првите] неколку стотици милиони години по Биг-бенгот, се формирале првите ѕвезди, пред ѕвездите и гасот да почнат да се спојуваат во галаксии“, објаснува коавторот Дарач Вотсон. „Ова е процесот што во нашите набљудувања го гледаме во зародиш“.
Користејќи го JWST, астрономите забележале огромни количини на гас како се акумулираат во „мини галаксија“. Иако теориите и компјутерските симулации посочуваа дека формирањето на галаксиите се одвивало на овој начин, сѐ досега овој процес никогаш не бил виден во реалност.
Инфрацрвените инструменти на JWST забележале големи количества водороден гас во древниот универзум. Ова е воедно и најдалечното извршено мерење на ладен, неутрален водороден гас – основниот елемент од кој се создаваат ѕвездите и галаксиите.
„Засега, станува збор за уште подетално мапирање на нашите нови набљудувања на галаксии во формирање споредено со претходно“, вели коавторот и докторант Симон Вејлгард. „Истовремено, постојано се обидуваме да ја поместиме границата колку далеку во универзумот можеме да видиме. Па, можеби ќе стигнеме уште подалеку“.
„Едно од најосновните прашања што ние како луѓе отсекогаш сме си го поставувале е прашањето 'Од каде доаѓаме?'“ додава коавторот Габриел Брамер.