Рубрика: Астрономија и астронаутика
Силна геомагнетска бура побуди аурори видливи ширум северната хемисфера
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.05.2024 - 18:00

Американската агенција НОАА (National Oceanic and Atmosperic Administration) издаде предупредување за огромно исфрлање на коронарна маса на 9 мај и, точно според предвидувањата, сончевиот материјал допре вчера до Земјата. Силната геомагнетска бура резултираше со спектакуларни манифестации на поларна светлина видливи на многу појужни географски широчини од вообичаеното – аурори се фотографирани над Алпите, па дури и над Балканот, ќе продолжи во текот на целиот викенд, а аурори се очекува да бидат видливи и во текот на следната недела.

За жал, прогнозите за видливост на небото над Македонија не се баш поволни, а тоа не е само поради метеоролошките услови – сепак сме на југот од Европа, па шансите дека ќе може да се види нешто особено се мали иако се работи за една од најголемите геомагнетски бури во последниве 19 години. Но, останува да се надеваме и да го набљудуваме небото.

Поларна светлина фотографирана над долината Драјзамтал и Шврацвалд во близина на Фрајбург, Германија

Сонцето имаше силни соларни изблици од средата, што резултираше со најмалку седум исфрлања на плазма. Секоја ерупција, позната како исфрлање на коронална маса, може да содржи милијарди тони плазма и магнетно поле од надворешната атмосфера на Сонцето, или корона. Се чини дека блесоците се поврзани со сончева дамка која е 16 пати поголема од дијаметарот на Земјата, соопшти НОАА. Сево ова е дел од нормалната сончевата активност којашто е во пораст како што Сонцето се приближува кон врвот на својот 11-годишен циклус.

НОАА ги предупреди операторите на електрани и вселенски летала во орбитата на Земјата, како и Федералната агенција за управување со вонредни состојби, да преземат мерки на претпазливост. Но, за повеќето луѓе на планетата Земја, целиов овој настан не носи никакви обврски – “тие нема да мора да прават ништо“, вели Роб Стинбург, научник од Центарот за прогнозирање на вселенски временски услови при НОАА.

На оваа фотографија направена во раните утрински часови денес, сабота 11 мај, со долга експозиција, автомобил поминува покрај тополите и ги осветлува додека поларна светлина свети над селото Дајленс, Швајцарија

Најинтензивната соларна бура во забележана во историјата се случила во 1859 година, при што аурори биле видливи до централна Америка, а веројатно и над Хаваите. „Ние не го очекуваме тоа“, но ова што се случува е блиску, изјавил прогнозерот на NOAA, Шон Дал на прес конференцијата во четвртокот. Оваа бура претставува ризик за високонапонските далноводи на електроенергетските мрежи, но не и за електричните водови што вообичаено се наоѓаат во домовите на луѓето, кажал Дал пред новинарите. Сателитите, исто така, би можеле да бидат погодени, што пак може да ги наруши навигациските и комуникациските услуги овде на Земјата.

На оваа тема се огласии и Елон Маск кој твитна извештај за состојбата на Старлинк сателитите во орбитата на Земјата, велејќи дека “се држат добро и го издржуваат притисокот” од бурата.

Од НАСА соопштија дека бурата не претставува сериозна закана за седумте астронаути кои се наоѓаат на Меѓународната вселенска станица. Проблем може да претставува зголеменото ниво на радијација, но екипажот може да се пресели во подобро заштитен дел од станицата доколку се оцени дека тоа е потребно. Зголеменото зрачење, може да ја загрози работата на некои од научните сателити на НАСА, па тие најавија исклучување на некои од чувствителните инструменти, доколку е потребно, како би се избегнало нивно оштетување.

За потсетување, екстремно силната геомагнетна бура во 2003 година предизвика привремен пад на енергетскиот систем во Шведска и ги оштети енергетските трансформатори во Јужна Африка. Научницците од НОАА предупредуваат дека дури и откако бурата ќе помине, сигналите помеѓу GPS сателитите и земските приемници може да бидат измешани или изгубени. Но, со оглед на бројот на навигациски сателити во орбитата на Земјата секој прекин не би требало да трае долго.

Клучни зборови:
Поларна светлина фотографирана над долината Драјзамтал и Шврацвалд во близина на Фрајбург, Германија

Поларна светлина фотографирана над долината Драјзамтал и Шврацвалд во близина на Фрајбург, Германија

На оваа фотографија направена во раните утрински часови денес, сабота 11 мај, со долга експозиција, автомобил поминува покрај тополите и ги осветлува додека поларна светлина свети над селото Дајленс, Швајцарија

На оваа фотографија направена во раните утрински часови денес, сабота 11 мај, со долга експозиција, автомобил поминува покрај тополите и ги осветлува додека поларна светлина свети над селото Дајленс, Швајцарија