“Антропоценот е мртов – да живее Антропоценот” е насловот на написот објавен неодамна во Science. Написот известува за уште во зародиш пропаднатите обиди за вметнување на Антропоценот во временската скала на геолошките ери. Имено, комисијата од научници задолжени за официјализирање на почетокот на претпоставената нова ера гласаа против предлогот што временски го лоцира нејзиниот „официјален“ старт.
Геолошката ера во која моментално се наоѓаме е холоценот, периодот во кој се одвива и развојот на современото човечко општество, а којшто започна пред 11 700 години со крајот на последната глацијална фаза која ја зафати северната хемисфера. А сепак, многумина во научната заедница веруваат дека суштинските промени предизвикани од човековите активности од средината на 20 век влијаеле врз физичките, хемиските и биолошките карактеристики на планетата на таков суштински начин што го одредиле почетокот на нова ера.
Терминот Антропоцен (Anthropocene), од грчкиот antropos (човек) и kainos (неодамнешен), за прв пат беше употребен во 2000 година од страна на добитникот на Нобеловата награда за атмосферска хемија Паул Ј. Круцен, за да се укаже на почетокот на нова геолошка фаза, во која човекот делува како сила која неповратно ги менува системите на Земјата.
Во 2009 година, Меѓународната комисија за стратиграфија – МКС (International Commission on Stratigraphy – ICS), меѓународна група на експерти за реконструкција на геолошкото време, нарача работна група – Антропоценската работна група – АРГ (Anthropocene Working Group – AWG) која требаше да открие дали постојат услови за дефинирање на Антропоценот како нов епоха, и кој би бил дефинитивниот геолошки маркер што ќе го издвои почетокот на новата епоха при испитувањето на карпестите слоеви.
Седиментите од малечкото езерце Крофорд, оддалечено едвај еден час возење западно од Торонто, беа земени предвид како можен глобален показател за почетокот на Антропоценот.
Во 2019 година, АРГ тврдеше дека антропоценот започнал во годините околу 1950 година. Во јули 2023 година истото научно тело утврдило дека доказите за почетокот на антропоценот би можеле да се најдат на дното на езерото Крофорд во Канада, локација што ги зачувала радиоактивните изотопи од атомските тестови во 1950 – плутониум од нуклеарен талог. Но, и пепелта којашто е нуспроизвод од согорувањето на нафта и јаглен, како и микропластиката претставуваат недвосмислено и не многу благородно наследство од нашето присуство на планетата.
По неколкумесечни дискусии, научниците од поткомитетот на МКС задолжени да го разгледаат и одобрат предлогот за почетокот на Антропоценот гласаа против – со 12 гласа против, 4 за и 2 воздржани. Антропоценската работна група дозна за резултатите од гласањето преку напис што беше објавен во Њујорк Тајмс, уште пред официјалните соопштенија за печат. Иако одлуката е конечна, тоа не треба да го доведува во прашање огромното влијание на човековите активности врз Земјата (почнувајќи од климатските промени).
Ископување на минерали во пустината Намиб (Намибија) – човекот неповратно го менува лицето на планетата.
Одлуката се чини се ги зема предвид другите видови размислувања. Фактот дека 10 cm талог во мало канадско езеро не претставува доволно дефинитивен доказ за таква епохална транзиција; или пак, дека е мошне тешко да се утврди точен датум што би се поврзал со макроскопските ефекти од човечкото присуство на Земјата – зошто, на пример, почетокот не би се поврзал со раѓањето на земјоделството? Или со европската колонизација на Америка? Или со индустриската револуција?
Друг проблем би можел да биде и тоа што, дури и пред формалната дефиниција да биде предложена до надлежните тела, „Антропоценот како епоха беше предмет во медиумите уште од самиот почеток – како рекламна кампања“,за Сајанс изјави Стенли Фини, шеф на Меѓународната унија за геолошки науки. Едно е сигурно – терминот влезе во вообичаениот јазик и тука е да остане, без оглед на официјалната природа на неговото именување.