Рубрика: На граница на науката
За моќта на будалаштините
Автор: Илијанчо Гаговски
Објавено на 12.02.2024 - 23:30

Сликата е генерирана со помош на ВИ

Лажните вести и теориите на заговор нè демнат од сите страни, а особено на социјалните мрежи каде кружат огромна количина на информации кои се земаат здраво за готово, без проверки и на збор на авторот. Дали треба да веруваме секому за сè и сешто? Секако дека не. Последниот бисер од теориите на заговор пристига во вид на интересна визуелна загатка, мотив на пченка на антички мозаик, и за неа, во својата фејсбук објава, интересна анализа направи Илијанчо Гаговски...

Слика 1

Деновиве на ФБ ми се појави пост на некој мој фб-пријател, кој ми го привлече вниманието. Имено, постот е слика од некаков антички мозаик (слика 1) за кој се тврди дека бил пронајден во Помпеја, но "проблемот" е што на мозаикот јасно се гледаат класја пченка. Па како тоа, загатнува "авторот", во Помпеја (уништена од ерупцијата на вулканот Везув во 79 г. од нашата ера), мајсторите кои го правеле мозаикот знаеле за пченката, која, според "официјалната историја" (која, нели, веднаш се доведува под знак прашалник) во Европа стигнала дури во 15-от век кога Колумбо ја донел од Америка. "Авторот", посредно, онака успут, всушност ни сугерира дека "уште ве лажа комунистите, ве лажа значи!!!".

Се разбира, веднаш ми беше јасно дека се работи за фејковача, но ме заинтригира колку брзо може да се дебанкира оваа будалаштина. Одговорот е – за помалку од 5 минути.

Слика 2

Ја симнав сликата, ја отворив со Google Lens и voilà – првиот (и единствен) hit (слика 2) е долуспоменатата слика на мозаикот од (наводно) Помпеја. Руски сајт, dzen.ru. Насловот – "Дали Помпејците (всушност) загинале (дури) во 17 век?!?" Ха! – си велам, зошто ли зошто не сум изненаден, руско масло, нормално! Арно ама, згрешив. Да, насловот на рускиот сајт Е чист кликбејт, но во написот, многу коректно е објаснето потеклото на мозаикот. Одопрем, шо би се рекло...

Имено, мозаикот најден во Помпеја денес е во Ватикан, и на него, НОРМАЛНО (!!), пченка НЕМА. Сликата со пченка е од некаква си таму репродукција на истиот тој мозаик од 1858 г., која се наоѓа во музејот Ермитаж, во Санкт Петерсбург, на која уметникот, ваљда ради "уметнички доживљај", си додал – погодувате – класје пченка (слика 3).

Мистеријата е значи решена!!! За 5 минути.

Како и во секоја "добра" "теорија" на заговор, и во оваа има ронка вистина (античкиот изглед на мозаикот, фактот дека самата слика со пченките навистина постои итн.), но таа е нерелевантна во однос на фејкираниот заклучок. Зошто ли, зошто, не сум изненаден (сега со право)...

Сепак, иако "мистеријата" е решена, се наметнуваат неколку други прашања. Имено:

1. Дали тој што ја креирал оваа будалаштина е до толку глуп па не е способен да разбере еден прилично читко и убаво напишан напис или тоа, сепак го сторил со некаква намера? Ако одговорот е под б) (што јас, сугерирам дека е), која е таа намера?

2. Зошто просечниот ФБ корисник споделува вакви будалаштини, кога истите може да се проверат за 5 минути?

3. Зошто јас се распишав еден ваков ферман, за нешто што (повеќе пати, да, знам) го нарекувам будалаштина?

Слика 3

Одговорите се, според мене:

1. Креаторите на ваквите фејковачи ( т.е. будалаштини, да не си ја напуштам номенклатурата :-)) воопшто не се глупави. Тие ги создаваат ваквите, знаете веќе што, со цел да му докажат на "обичниот човек" дека некој (читај "сатанистите") го лаже цело време. "Логиката" е, дека ако "науката" и "официјалната историја" нѐ лажат за вакви (на дневно ниво неважни) работи, којзнае пак колку нѐ лажат за важните нешта. Заклучокот кој се сервира, посредно, е да не се верува на "таканаречената наука", туку на "независните умови" (читај "анонимни ФБ профили"), кои се способни да ги разоткријат "заговорите" на "моќниците" и многу брзо и ефикасно за нив да нѐ известат - на нашиот ФБ, Twitter, YouTube или Instagram feed. Со вака разнишана доверба во "мејнстрим медиумите" (кои се нели "слуги" на "лошите"), изворот на "вистински информации" стануваат анонимните профили, кои за возврат го добиваат токму она за кое тврдат дека против него се борат – МОЌ!

2. Просечниот ФБ корисник изложен на оваа, слободно ќе речам, специјална војна, одеднаш се чувствува дека конечно "прогледува"!!! "Пази, стварно! – како бе знаеле у Помпеја за пченка, а!?! Леле како нѐ лажат значи!!! Ама ја не сум глуп да им верувам, неeee батка, сте нашле погрешен човек!!!" И ете, од туку-така, another one bites the dust, т.е. уште една жртва паѓа во "интелектуалната црна дупка" – пред сѐ како жртва на сопствената суета – "... нема да ме лажат они мене, разбираш!" Причините за ова се повеќеслојни, но клучно е образованието и недостатокот на критичко размислување.

3. Конечно, што па јас сум се распишал волку, зар немам друга работа?!? У моментов ми се виде важно да обрнам внимание на оваа појава, за која сум пишувал и другпат, но со конкретен пример. Надежта е (мојата, де), дека можеби ќе помогнам барем еден човек, следниот пат пред да стисне на копчето Share, да се праша чекај малце бе, ова не ми изгледа баш логично...и да стисне Cancel...

#МоќтаНаБудалаштините

Преземено од фејсбук објава на авторот со негова дозвола

Клучни зборови:
Сликата е генерирана со помош на ВИ

Сликата е генерирана со помош на ВИ