Шест месеци вежбање и здрава исхрана може да го намалат биолошкото стареење поврзано со дебелината кај децата што е придобивка поголема од самото губење на тежина.
Придобивките од здравата исхрана и постојаните физички вежби се толку длабоки што можат да се забележат и на клеточно ниво. Кај децата кои страдаат од прекумерна тежина, шестмесечниот тренинг и урамнотежената исхрана ја зголемуваат должината на теломерите, заштитните капсули сместени на краевите на хромозомите. Ова го покажува истражувањето објавено неодамна во Pediatric Obesity.
Слично како што пластичните капачиња на краевите од врвките за чевли го спречуваат исипувањето, така теломерите го спречуваат распаѓањето на спиралата на ДНК и затоа играат важна улога во одредувањето на животниот век на секоја клетка. Вообичаено, со возраста тие стануваат пократки, но некои состојби, како прекумерната тежина, може да предизвикаат прерано кратење на нивната должина.
Во новата студија „забележавме дека почитувањето на препораките што сите ги знаеме – јадење помалку храна богата со масти и шеќер и внесување помалку калории, зголемување на физичката активност и намалување на времето поминато пред екраните – може да го намалат биолошкото стареење поврзано со гојазноста кај децата“ објаснува Томас Робинсон, професор по педијатрија на Медицинскиот факултет при Универзитетот Стенфорд, кој го координираше ова истражување.
Тимот ја следел состојбата на 158 деца на возраст помеѓу 8 и 12 години со прекумерна тежина, од кои 55% биле девојчиња и 52% имале хиспаноамериканско потекло. Нивната состојба била дефинирана врз основа на индексот на телесна маса, параметар за проценка на тежината. На почетокот на студијата, 57% од учесниците биле со сериозно прекумерна тежина, состојба што е предвесник на хронични болести од типот на кардиоваскуларни проблеми и дијабетес, на пример.
Секое од децата учествувало заедно со еден од родителите во шестмесечната програма за контрола на тежината во рамките на која редовно се среќавале со експерт за исхрана. Тие ја следеле диетата „семафор“, во која ниту една храна не била исклучена, туку на секоја храна ѝ била доделена боја: зелена за здрава храна која треба да се консумира во поголема количина, портокалова за оној тип храна што треба да се јаде умерено, и црвена за оние намирници што треба да се ограничат што е можно повеќе. Учесниците, исто така, научиле стратегии за имплементација на вежбање во секојдневниот живот и намалување на времето пред екраните, додека нивните родители научиле подобро како да ги поддржат своите деца.
Во текот на шестте месеци од програмата, децата изгубиле на тежина, а просечната должина на нивните теломери значително се зголемила. Една година по завршувањето на диетата, кога нивните навики и телесната тежина повторно почнале да се влошуваат, должината на нивните теломери исто така повторно почнала да се скратува.
Должината на теломерите може да стане важен маркер за следење за мерење на подлабоките ефекти што здравиот начин на живот ги има врз нашето здравје, без да се ограничува само на видливите промени, како што е губењето на тежината. Можноста директно да се види влијанието на животниот стил и секојдневните рутини може да ги мотивира луѓето со прекумерна тежина да ја променат исхраната и навиките, преземајќи директни чекори кон подобрување на нивната иднина.