SpaceX ги прикажа првите текстуални пораки разменети помеѓу телефони на T-Mobile преку еден од сателитите на Starlink поставени во ниската орбита на Земјата.
„Во понеделник, на 8 јануари, тимот на Starlink успешно ги испрати и прими нашите први текстуални пораки користејќи мрежен спектар на T-Mobile преку еден од нашите нови сателити Direct to Cell лансирани шест дена претходно“, се вели во објавата на Starlink.
SpaceX минатата недела ги лансираше првите шест Starlink сателити кои можат да обезбедат мобилни преноси до стандардните LTE телефони. Услугата што Starlink ја опишува како „комуникациска кула за мобилни телефони во вселената“ се очекува да обезбеди размена на текстуални пораки за корисниците на T-Mobile во САД и операторите во други земји во текот на оваа година, додека услугите за гласовна комуникација и размена на податоци е најавено дека ќе започнат некаде во 2025 година.
SpaceX објави фотографија од двата iPhone-а кои ги разменија првите текстуални пораки. Процесот што овозможи испраќање на тие текстови беше прилично комплициран, велат од Старлинк.
„Поврзувањето на мобилните телефони со сателити има неколку големи предизвици што треба да се надминат“, велат од Старлинк. „На пример, во терестријалните мрежи, предавателите на сигналот се неподвижни, но во сателитската мрежа тие се движат со брзина од десетици илјади километри на час во однос на корисниците на Земјата.” Ова наметнува низа предизвици за непречена мобилна комуникација преку сателит.
Мобилните телефони имаат „мало засилување на антената и јачина на пренос“, што ја прави „неверојатно тешка“комуникацијата со сателити оддалечени стотици километри, се вели во соопштението на компанијата. Но, новите сателити на Starlink „се опремени со иновативни нови сопствени силициумски фазирани антенски низи и напредни софтверски алгоритми кои ги надминуваат овие предизвици и обезбедуваат стандардна LTE услуга за мобилните телефони на теренот“.
Услугата сателит-телефон би требало да функционира насекаде на планетата, но нема смисла да ја користите кога можете да се поврзете преку регуларната мобилна мрежа. Како што истакна извршниот директор на SpaceX, Илон Маск, ограничениот пропусен опсег значи дека „не е значајно конкурентен со постоечките копнени мобилни мрежи“.