Социјалните медиуми можат да бидат позитивна работа, но само ако знаете да ги користите одговорно. Споделувањето на премногу информации или погрешни работи може да ве остави изложени на вознемирувања, напади во реалниот свет и други последици што би сакале да ги избегнете. Еве неколку работи на кои треба да обрнете внимание и кои е најдобро да ги прескокнете во вашите споделувања на фејсбук, X (твитер), ТикТок, Редит, Пинтрест...
Планови за патување
Размислете двапати пред да се пофалите за претстојниот одмор или да објавувате слики додека сте на патување. Никогаш не знаете кој би можел да ги види овие информации, односно да ја искористи приликата што во дадениот момент не сте во вашиот дом и да се осмели да ве ограби.
Ова важи и за селфијата и фотографиите на кои се гледа вашето место на живеење. Нема да ви се верува, но апсолутно секој детаљ може да ги на потенцијалните крадци да им го „олесни“ планирањето на грабеж.
Локација
Социјалните мрежи користат геолокација за да ви овозможат да ја означите вашата локација во објавите. Сепак, не секогаш и не секој треба да знае каде сте и што правите во моментот. Проверете дали локацијата се додава автоматски на вашите објави, бидејќи таа може да остане и прикриена во метаподатоците на фотографијата.
Податоци за идентификација
Веројатно не треба ни да го потенцираме ова, но за секој случај: апсолутно никогаш не споделувајте на социјалните мрежи фотографии на кои се гледа вашата лична карта, пасош, информации за вашата кредитна картичка итн. Едноставно, ниту има потреба од тоа ниту пак некој има право да го бара тоа од вас, а може да ви нанесе огромна штета.
Скапи работи што сте ги купиле
Сте купиле нов телевизор, автомобил, телефон, парче накит... Се радувате и сакате да се пофалите пред вашите пријатели на социјалните мрежи. Но подобро е да се воздржите и да не го правите тоа. Сѐ што е релативно скапо освен предизвикување завист кај некои, може да побуди и интерес кај крадците. Слично како и со објавата во која сте соопштиле дека одите на патување, споделувањето на вакви работи е речиси исто како да сте упатиле покана за посета до потенцијалните арамии.
Информации од личниот живот
Лути сте на вашиот шеф, пријател или на член од семејството. Се случува, но ако напишете нешто грдо за нив под нивното целосно име (и презиме) или наведете детали што тие не би сакале да ги знаат, можете да западнете во уште поголема неволја. Веруваме дека сте лути, но вдишете длабоко и избројте до 10, 100, или 1000... Колку и да ви е потребно за да се смирите. Но, не барајте „утеха“ од анонимни луѓе на интернет.
Голем дел од овие совети го претпоставува најлошото за луѓето со кои сте „пријатели“ на социјалните мрежи. Во повеќето случаи, вашите пријатели се навистина ваши пријатели и веројатно нема да ве таргетираат во грабеж или да извадат кредитна картичка на ваше име. Но, прекумерното споделување е проблем на дигиталната ера што има последици во реалниот свет. Затоа треба обрнете внимание на наинот како ги користите социјалните мрежи, за да ја зголемите вашата безбедност и позитивно искуство додека сте онлајн.