Со извесно задоцнување да ги разгледаме резултатите од уписите на УКИМ во првиот уписен рок за учебната 2023/2024 година. Доцнењето е поради чекањето ФДУ да објави ранг листи на Интернет, но тие тоа никогаш не го направиле.
Во табелата подолу се прикажани квотата, бројот на запишани кандидати, бројот на кандидати со повеќе од 93 бода при рангирањето, процентот на кандидати со повеќе од 93 бода и медијанската оценка (оценката над која и под која имало точно 50% кандидати) за секој факултет.
Границата од 93 бода е произволно поставена и можеме да ја поставиме 1-2 бода погоре или подолу, но од лично искуство сметам дека 93 бода при уписот претставува некаков минимум којшто предвидува успешно завршување на студиите. На УКИМ 39,1% имале повеќе од 93 бода при уписот, што значително отскокнува во однос на сите други универзитети во земјава. На пример, анализата на резултатите на Универзитетот „Климент Охридски од Битола“ покажа дека само 8,7% од кандидатите имале повеќе од 93 бода (документ тука)
На тетовскиот универзитет процентот е уште понизок, и изнесува 5%.
Да ги видиме сега најважните општи заклучоци.
1. Врз основа само на овој показател заклучуваме дека отворањето на 24 универзитети во земјата, наводно со цел студентите да студирале блиску до своето место на живеење, беше голема грешка. Резултатите покажуваат дека дури и најмалку имотните студенти со повисоки бодови се запишале на УКИМ, додека на останатите универзитети се запишале само послабите со знаење. Можеме слободно да кажеме дека бадијала се отворени сите тие факултети и доколку сите се затворат, нема да има никаква штета по општеството.
Ако во времето на Југославија долго и внимателно се размислувало дали ќе се отвори вториот универзитет, во Битола, сега тоа се прави без никаков план и анализа на економската оправданост. Битолскиот УКЛО беше отворен поради оддалеченоста од Скопје и големиот број на жители и градови во југозападна Македонија (Битола, Прилеп, Охрид, Струга, Кичево, Ресен, Крушево и Демир Хисар). Во југоисточна Македонија немало таква концентрација на население (Гевгелија и Струмица сепак се прилично мали градови за универзитет). Од друга страна, отворен е државниот универзитет во Штип, на само 76 km од Скопје и државниот универзитетот во Тетово, на само 43 km од Скопје, што нема никаква логика и економска оправданост, а да не зборуваме за квалитетот на запишаните кандидати, што тука го мериме.
Сега, после петнаесетина години го гледаме погубниот резултат на отворањето на вакви политички универзитети, без никаква анализа на оправданоста. Не само што од таму бегаат квалитетните кандидати, туку ни одзедоа студенти и од битолскиот универзитет, па и тој стана одвишен заедно со нив. Но и тетовскиот универзитет не беше доволен, па беше отворен уште еден албански универзитет во Скопје. Зошто не го затвориле тогаш тетовскиот? Толку ли сме богати за да се расфрламе со пари за нешто што не носи никаква вистинска вредност? За приватните универзитети пак не вреди ни да се трошат зборови. Со еден збор, од целото високо образование е направено едно големо ругло.
2. Вториот важен заклучок го извлекуваме од споредбата помеѓу факултети со рангирање врз база на бодовите од државната матура и факултетите со рангирање врз база на приемен испит. Овие вторите се уметничките факултети и истите се наоѓаат на дното од ранг листата. Но, тоа не значи дека таму се запишуваат најслабите кандидати, туку дека бодовите од приемен испит, односно од аудиција многу тешко се освојуваат. Кај факултетите со рангирање според бодовите од државна матура имаме кандидати со многу високи бодови, а познато е дека кај највисоките бодови пресуден е перцентилниот ранг на есејот по македонски јазик. Практично уписот на медицина, ФЕИТ и ФИНКИ зависи од есејот по македонски (често постигнат со измама), а не од знаењето на релевантните предмети. Ова исто така би требало да се промени.
3. Да се задржиме накратко на самите факултети. Во табелата се претставени збирните резултати од сите насоки на даден факултет, додека подетална анализа по насоки може да се види во следниот документ тука.
Нема да ги споредуваме уметничките факултети бидејќи, како што рековме, таму бодовите многу потешко се освојуваат и споредбата не би имала никаква смисла.
Најслабите кандидати според рангирањата од државна матура се запишале на Факултетот за физичко образование и спорт. Ним нема да им замериме, бидејќи оценките од средно училиште нема многу да им значат доколку вредно физички не вежбаат во текот на студиите. Нека бидат добри спортисти, па макар ништо од книга не научиле.
Вториот најслаб факултет, условно кажано, т.е. според успехот на запишаните, е Факултетот за ветеринарна медицина. Овој факултет, каде во основа се изучува истата проблематика како на медицински факултет (дијагностицирање и лекување на луѓе и животни), наместо да привлече најсилни, привлече најслаби кандидати. Тука ништо не може да се стори, бидејќи сé што е поврзано со селото и земјоделството им е одбивно на денешните млади. Ветерината не нуди престиж како медицината, иако ефектот од нивната работа не е занемарлив – доволно е да прашаме еден фармер како се чувствува ако му се разболат 50 крави, од кои секоја чини по 3000 евра.
Во групата најслаби факултети, веднаш до ветеринарниот, се наоѓа Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“. Ова е веќе вистинско разочарување, бидејќи само 11,7% од запишаните имале повеќе од 93 бода. Тоа се утрешните наставници на нашите деца и внуци, од кои државата кренала раце, поточно кренала раце од својата иднина. Фрапантна е незаинтересираноста на државата за наставничката професија, штом дозволува толку слаби кандидати да се школуваат за наставници. Наместо овој факултет да биде на самиот врв, тој се наоѓа на дното од ранг листата. Доколку имаме квалитетни наставници, утре ќе имаме и квалитетни инженери, доктори и останати професионалци, а вака што ќе имаме?
Во групата најслаби факултети припаѓаат и факултетите за шумарство и земјоделски науки. Кај нив ништо не може да се стори бидејќи, како што рековме самите зборови „село“ и „земјоделство“ ги одбиваат кандидатите – се разбира неоправдано.
Групата факултети со просечни кандидати ја сочинуваат Филозовскиот факултет, Факултетот за дизајн на мебел, Архитектонскиот факултет, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Технолошко-металуршкиот факултет, потоа групата технички факултети (машински и градежен), како и Правниот и Економскиот факултет.
На филозофски факултет некогаш се запишувале најначитаните кандидати, но денеска ништо не останало од поранешниот сјај. На сите отсеци резултатите се многу слаби, а единствено насоката за психологија им го крева просекот. Таму не само што се запишуваат многу кандидати (дури 111), туку и 56,8% имале повеќе од 93 бода на приемниот испит. Мене лично не ми е јасно од каде доаѓа оваа популарност, со оглед на ограничените шанси за вработување, но психологијата од година во година привлекува многу силни кандидати, некогаш дури и со 99% и 100% перцентилен ранг на државна матура. Државата би требало да размисли да го намали бројот на места и да пренасочи кандидати на дефицитарните струки, пред сé на техничките.
Архитектонскиот факултет неправедно се наоѓа толку ниско на листата, но мораме да имаме предвид дека таму има приемен испит, а на испит бодовите многу потешко се освојуваат отколку на државна матура. За Архитектонски факултет дури може да се каже дека е еден од последните каде што се задржале некогашните критериуми, што стана очигледно за време на корона-кризата, кога за една година дипломирал само еден кандидат.
На Филолошки факултет успехот е мешан, а најмногу кандидати се запишале на најпопуларните насоки, за ангиски јазик, за преведување англиско/германски и англиско/француски. Сé на сé, немаат многу квалитетни кандидати, а немаат ни добра пополнетост.
Технолошко-металуршкиот факултет има очајно слаба пополнетост од само 13%, иако квалитетот на запишаните не е многу лош и се движи околу просекот на УКИМ. Без топилници и железари, судбината на металурзите е жална.
Машинскиот факултет има пополнетост и успех на запишаните во рамките на просекот, но тоа не е доволно за еден толку важен факултет, чии кадри треба да ја носат на својот грб целата производствена индустрија. Машинството е коњот за влеча на таа индустрија, од која треба да живее целата држава. Разочарувачки е што најдобрите кандидати се запишале на насоката за индустриски менаџмент, а на најважнате насока, за производно инженерство се запишале одвај 14 кандидати. Слично е на термоенергетика и автоматизација, каде бројот на запишани е едноцифрен. Пред очите ја гледаме пропаста на македонската индустрија. На насоката за хидроенергетика веќе две години не се запишал ниту еден студент, а нам ни претстои изградба на хидроенергетски капацитети, пред сé на ПАХЕ „Чебрен“.
Правниот факултет, каде некогаш не можело да се дојде до индекс, годинава има пополнетост на квотата од само 22%. Ова не е за чудење, бидејќи во земјава има преку 10 правни факултети. Освен тоа, вистинска штета е што идните правници, наместо да работаат во правосудството, за што примарно се школуваат, ќе работаат во администрација, за што пак не постои посебен факултет, ако воопшто има потреба за факултет.
Економскиот факултет има еден од најголемите проценти на пополнетост од цели 70%. Овој факултет од година во година привлекува многу кандидати, при што се прилично рамномерно распоредени по насоки. Но, дури и тука гледаме голема прераспределба. Ако некогаш најголем број и најквалитетни кандидати се запишувале на финансии, сметководство и ревизија, сега најпопуларна насока, со најквалитетни кандидати е насоката за е-бизнис.
Предводник на групата од просечните факултети споед успехот е Градежниот факултет. Тука се случува вистински потоп. На целиот факултет во првиот рок се запишале само 69 кандидати, од кои одвај 58 на најважната насока, за градежништво. Овие 58 кандидати потоа се делат на модулите за високоградба, нискоградба и хидротехника. Она што им се случи на машинскиот и електротехничкиот факултет со деиндустријализацијата на државата, сега му се случува на градежниот факултет. 58 кандидати на еден критично важен за државата факултет е вистинска катастрофа. Неконтролираниот упис на некои од факултетите од врвот на оваа наша листа е можеби најважната причина. Производствена индустрија секако речиси немаме, па единствената стопанска гранка којашто нешто ветуваше, градежништвото, изгледа тргна по нивниот пат. Ако државата не преземе итни мерки, за неколку години ќе имаме многу сериозен проблем, што нема да може бргу да се реши – слично како со медицината. Проблем претставува и ангажирањето на странски градежни компании, кадешто нашите компании се подизведувачи од втор или трет ред, па затоа и платите не можат да бидат високи. Освен тоа, државата дозволува приватни квоти на факултети каде што нема потреба од нив, упропастувајќи го така градежниот.
Групата од најсилни факултети, според успехот на запишаните, ја сочинуваат ПМФ, ФЕИТ, ФИНКИ, фармацевтскиот, стоматолошкиот и медицинскиот факултет.
Природно-математичкиот факултет (ПМФ), којшто некогаш важел за елитен, денеска е спаднат на ниски грански и му се заканува пропаѓање. Доколку не постоеше насоката за молекуларна биологија и генетика, на останатите насоки бројките на кандидати се едноцифрени, а што е уште полошо, ни квалитетот на кандидатите не е добар – сигурно не е на нивото што го заслужува и што е потребно за изучување на теоретските природни науки. Немаат ниту еден кандидат (!) со повеќе од 93 бода на насоките за применета математика, применета физика и математика-физика. Слична катастрофа како на педагошкиот факултет, само што тука е уште полошо, бидејќи се работи за настава на екстремно важни дисциплини без кои што утрешните матуранти ќе бидат апсолутно неспособни за студирање на технички науки. Доколку и тука нешто државата не преземе, судбината на овој факултет и овие науки ќе биде запечатена засекогаш.
На Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) квалитетот на запишаните кандидати е натпросечен, но таму има еден скриен проблем. Доколку ги тргнеме на страна компјутерските насоки, состојбата е подеднакво очајна како на машинскиот и градежниот факултет. На електроенергетика и електроенергетски системи се запишале само 7, односно 4 кандидати. Дали некој во власта размислува кој ќе го одржува македонскиот електроенергетски систем, кој ќе гради нови електрани, особено обновливи извори на енергија? Што ќе правиме со слабата струја, електрониката? На насоката за компјутерски хардвер и електроника (електрониката како споредна) се запишале одвај 10 кандидати. Како оваа држава ја замислува иднината без електроника? Јас лично не познавам електроничар помлад од 60 години, а особено загрижува фактот што дури и тие што имаат дипломи не работаат практична електроника, односно не проектираат и не градат електронски уреди. На телекомуникации пак, кралицата на електрониката и општо на техниката, се запишале само 12 кандидати, од кои само 3 имале повеќе од 93 бода. Излишно е да се каже, но од нив нема да видиме квалитетен електроничар радио, телевизија и микро бранови.
Доаѓаме до ФИНКИ, факултетот за информатика, кадешто имаат една од најголемите пополнетости во државата (69,5%, од што 100% на софтверско инженерство и информациони системи). Таму немаат проблем ни со квалитетот на кандидатите – едноставно софтверското инженерство моментално е во мода и така ќе биде уште многу години. Штета што тоа е на сметка на технички факултети, но иако овој факултет е предимензиониран, утешно е што барем нивните кадри воглавно ќе останат во државата и што ќе имаат работа. Сепак, државата и тука би требало да интервенира, бидејќи со малку помал број програмери (што не би се почувствувал), многу би им помогнале на техничките струки, каде бележиме пропаѓање. Бадијала ќе ни бидат сите програмери, ако фабриките, електраните и градилиштата ни останат без инженери, а училиштата без математичари и физичари.
Конечно, врвот на листата според успехот го чинат традиционално здравствените струки –фармацевтите, стоматолозите и лекарите. Гледајќи ги збирните проценти на кандидати со повеќе од 93 бода на овие факултети, не можеме да ја видиме вистинската слика. Но, само на дентална медицина при Стоматолошки факултет 70,9% од запишаните имале повеќе бодови од оваа граница, на Фармацевтски факултет на насоката за магистри по фармација имале 60,7%, додека на Медицински факултет, на насоката за општа медицина неверојатни 98,9% од запишаните, како во државна така и во приватна квота, обете пополнeти уште во првиот уписен рок, имале повеќе од 93 бода. На општа медицина медијанскиот број на бодови изнесува дури 97,5 и највисок е во државата. Тука останува да нé гризе црвот на сомнежот, дали можеби го имаме истиот проблем како во Црна Гора, каде од 102 кандидати со сите петки, дури 99 паднале на приемниот испит на општа медицина. Како и да било, на Медицински факултет се запишале најдобрите македонски матуранти.
Студиите по општа медицина бараат посебна анализа, но сосема накратко за најважното. Во целата држава, само на општа медицина зе запишале точно 800 студенти, од кои во Скопје 265, во Тетово 390, а останатите во Штип. Од нив најголемиот процент и ќе завршат, за што гаранција е високиот број на бодови при уписот (иако во Тетово само 12,3% од запишаните на општа медицина имале над 93 бода). Каде е тогаш проблемот? Проблемот е што многумина ќе го злоупотребат режимот на бесплатно, односно евтино школување во приватна квота и ќе заминат во странство, а им одзеле многу одлични кандидати на техничките факултети, без кои оваа држава нема иднина.
Многу може да се зборува на оваа тема, но постои начин, прилично непопуларен, како државата може да ја спречи или барем намали оваа злоупотреба, да ги задржи докторите во земјава, да ја сопре хиперпродукцијата и да изврши прераспределба помеѓу факултетите. Најлошо е ако не се преземе ништо и работите се препуштат на стихијно решавање, следејќи го само пазарниот принцип на понуда и побарувачка.