Рубрика: Медицина
Четиринаесетгодишник создал сапун за лекување на меланом
Објавено на 23.11.2023 - 16:30

Што ако борбата против меланомот започнува со нешто едноставно, како миење? Хеман Бекеле, 14-годишниот Американец со етиопско потекло, ја освои титулата „Најдобар најмлад научник во Америка“ за еден револуционерен изум – тој создаде сапун во чија основа се лекови способни да ја стимулираат природната одбрана на кожата против меланомот, тумор на кожа.

Бекеле е победник на 3M Young Scientist Challenge, натпревар чијашто цел е да ги поттикне учениците во размислувањето за далекусежни идеи кои можат да го променат светот. Во последните месеци од натпреварот, момчето и другите девет финалисти биле поддржани од научници-ментори кои им помогнале да ја трансформираат нивната идеја во убедлив прототип.

Хеман размислувал за создавање на евтин и лесен за дистрибуција сапун кој би имал позитивно влијание врз исходот од третманите за рак на кожата. Она што го инспирирало биле сеќавањата на работниците постојано изложени на сончевото зрачење кои ги запознал за време на неговото детство во Етиопија. „Сакав да ја направам мојата идеја нешто што не само што е одлично во научна смисла, туку и достапно за што повеќе луѓе“, вели момчето.

Но, што има во сапунот? „Го направив со мешање на едноставен медицински сапун со салицилна киселина, гликолна киселина и третиноин во пропорции од 50/30/20”, – вели Бекеле, ”сите тие претставуваат кератолитички агенси кои полека ги реактивираат дендритичните клетки“. Кератолитичките агенси имаат ефект на ексфолијација бидејќи се способни да го растворат надворешниот слој (stratum corneum) на епидермисот. Дендритичните клетки се дел од имунолошкиот систем и имаат улога на „чувари“ – ако почувствуваат присуство на патоген, тие “ги повикуваат на помош” специфичните лимфоцити за сузбивање на тој антиген.

Клучот е повторно да се активира одбраната којашто е дел од вродениот имунитет, оној кој дејствува брзо и неселективно против било кој надворешен агенс, да ја тераме кожата да се заштити со препознавање и изолирање на заболените клетки. Во следните пет години Хеман, кој покрај титулата освои и награда од 25 илјади американски долари се надева дека ќе го усоврши својот изум и ќе создаде непрофитна асоцијација што ќе може да го дистрибуира сапунот во земјите каде што најскапите третмани за рак на кожа не се достапни за секого. Парче сапун за превенција од меланом би чинел околу 30 денари.

Но, да не ги заборавиме и другите финалисти:

Шриприја Калбави, 14-годишна девојка од Сан Хозе (Калифорнија), која се најде на второто место за создавање на фластер со микроигли којшто овозможува безболно администрирање на лек, без потреба од апчиња или инјекции,

и 12 -годишната Сара Ванг од Андовер, Масачусетс, која го освои третото место за дизајнирање на ракавица способна да ги “прочита”знаците за епилептични напади преку едноставно следење на движењата на раката и да ги алармира оние што се во непосредна близина да побараат помош за носителот на нараквицата.

Извор Focus

Клучни зборови: