Најавеното бришење на неактивни сметки на Gmail ќе започне на 1 декември. Ова значи дека Google може да ги брише и сите содржини и податоци поврзани со неактивниот корисник – сите информации што се складираат на серверите на Google во име на таа корисничка сметка, вклучително фотографии зачувани во Google Photos, белешки за настани во Google Calendar, документи на Google Docs и, секако, мноштво електронски пораки. Компанијата го најави "големото расчистување" уште во мај, така што нема простор за негодување дека веста доаѓа одненадеж.
Според Google дефиниција за неактивна сметка е сметка што не била користена во период од две години. Ова значи дека на нејзе немало никаква активност, односно дејства од типот на најавување, читање или испраќање е-пошта, користење на Google Drive, гледање видеа на YouTube (додека сте најавени на таа сметка), споделување фотографии, преземање апликации и пребарување (додека сте најавени на таа сметка). Но, дури и да не сте правеле ништо од ова, ако вашата сметка се користела за купување на некој вид производ од продавницата на Google Play, може да земете воздух – да безбедни сте.
Но, ако не сте направиле ништо од наведените работи во текот на изминативе две години, Google ќе ви испрати известување дека вашиот профил ќе биде деактивиран. Ова се однесува само на личните сметки, но не на оние што се поврзани со работодавач, училиште или друга организација.
Ако поседувате корисничка сметка на Google, а не сте сигурни кога последен пат сте пристапиле до неа, не му ја мислете. Како што вика и старата поговорка: “Подобро да се спречи одошто да се лечи”, па во таа насока најдобро е барем еднаш да се најавите на вашата сметка до 1 декември за да влезете во безбедната зона.