Рубрика: Медицина
Врската помеѓу инсектицидите и машката неплодност
Објавено на 14.11.2023 - 16:45

Од една страна, хемиските пестициди се широко распространети во средината во која живееме, во водите и во производите што ги јадеме. Од друга, на глобално ниво е забележан загрижувачки пад на плодноста кај мажите. Сега уште една студија ги поврзува овие две критични прашања на современиот свет. Имено, сѐ укажува кон тоа дека постои силна поврзаност помеѓу изложеноста на хемиските супстанции за земјоделска употреба, особено инсектицидите, и пониската концентрација на сперматозоиди во спермата кај мажите, во целиот свет.

Група научници од Универзитетскиот колеџ за јавно здравје Џорџ Мејсон и Универзитетот Нортвестерн (САД) направиле анализа на 25 студии за природната или професионалната изложеност на инсектициди во последните 50 години. Конкретно, било разгледано влијанието на две класи од најчесто користените инсектициди – органофосфати и N-метилкарбамати, врз здравјето. Податоците покажуваат широко распространета и конзистентна поврзаност помеѓу изложеноста на овие супстанции, на пример, преку конзумирање на контаминирана вода и храна, и пониската концентрација на сперматозоиди, загрижувачки факт ако се имаат многуте студиите за падот на квалитетот на машката семена течност ширум светот.

Загадувањето со пестициди, термин кој ги вклучува и инсектицидите, е закана за здравјето на луѓето и екосистемите. Овие синтетички производи што се користат не само во земјоделството, туку и во шумарството и во цвеќарството, за одрќување на јавните паркови и игралишта, сега се сеприсутни. Истражувањата на Европската агенција за животна средина, спроведени во пет европски земји, документираат траги од најмалку два пестицида во телата на 84% од испитаните луѓе, а нивото на инсектициди присутни на 22% од испитаните локации земени предвид во студија од 2020 година, е над безбедносниот праг и е опасно за луѓето.

Истовремено, веќе неколку децении наназад се бележи пад на машката плодност, а причините за оваа криза остануваат во голема мера неразјаснати. Во 2022 година, една студија објавена во Human Reproduction Update, која за прв пат вклучи испитаници и од земји од Азија, Јужна Америка и Африка, документираше преполовување на просечната концентрација на сперматозоиди во спермата на мажите од 53 земји, во периодот  од 1973 до 2018 година, притоа со забележлив поголем пад во последните 20 години. Всушност, ова истражување го повтори истиот резултат наведен во една друга студија изработена 5 години претходно, но истакна дека проблемот е присутен на сите континенти!

Разбирањето дали и како се поврзани овие два проблема, и како да се справиме со нив, ќе биде од клучно значење во ова време кога, од повеќе други причини, се бара радикално преиспитување на некои аспекти од  глобалниот систем за обезбедување храна.

Извор Focus

Клучни зборови: