По владината одлука да додели концесија на странска компанија за експлоатирање на водите од Црна Река за добивање електрична енергија, Здружението на инженери на Македонија конечно се изјасни со свој став и излезе на протест.
Инженерите бараат прекинување на целата постапка, Владата да ја поништи нејзината одлука со која на грчката компанија Архиродон и Македонија да го напушти штетниот договор. Исто така се бара да не се доделува никаква концесија на странска или домашна компанија за користење на водите на Црна Река, туку тие да бидат експлоатирани од државата. За штетноста на целиот договор професорот Дејан Трајковски пишуваше во неколку наврати досега (за потсетување прочитајте ги следниве текстови тука)
Инженерите велат: "Чебрен мора да биде македонски и Македонија да биде нејзини инвеститор. ХЕЦ Тиквеш не смее да се подарува. Нашите води не се за продажба. Не смее да се дозволи узурпација на македонските природни богатства и нивно распродавање на домашни и странски компании. Реверзибилната хидроцентрала Чебрен е еден од најголемите и најважните енергетски проекти на државата и е од стратегиско значење за енергетската независност на Македонија. Таа со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW треба да овозможи Македонија да остане во поголем процент енергетски независна после 2028 година, кога поради зелената транзиција треба да престанат со работа РЕК Осломеј и РЕК Битола".
Како што укажува професорот Дејан Трајковски „Македонија мора сама да инвестира и да ја гради хидроелектраната, бидејќи со само 180 милиони евра учество и остатокот земен на кредит и со ангажирање на домашната оператива ќе може да ја изгради самата електрана и да ги зголеми приходите за истиот период и ќе го реши проблемот со складирањето на таа енергија“.
Протестот се одвиваше пред главните обележја на градовите Скопје (Камениот Мост), Битола (Саат-кулата), Охрид (пред пристаништето). Како симбол на заштитата на македонските води, како национално богатство, на местата на собир, инженерите оставаа шишиња со вода со пораки.