Денеска беше пробиен претходниот, многугодишен минимум на нивото на Преспанско Езеро. Не само што беше пробиен, туку брзината на намалување на нивото е поголема отколку во претходните неколку години, како што се гледа од стрмините на портокаловите линии на трендот.
Од оваа точка патот води само надолу и прогнозата е дека ни претстои дополнително спуштање од околу 21 cm, односно до кота -591 cm, што одговара на надморска висина од 841,70 m. Минимумот би требало да биде достигнат при крајот на ноември или почетокот на декември, зависно од есенските дождови.
Инаку, точно го утврдив денот на стартот на наглото спуштање, а веројатнои неговата причина. Поради пролетните дождови , пријатното време во текот на мај и јуни и отсуството на наводнување, езерото прилично добро се држеше сé до првата недела на јули. Откако температурите нагло пораснаа, во еден ден изгледаше како некој да го вклучил прекинувачот и испумпувањето нагло да започнало. Иако луѓето од Преспа велат дека не ги наводнуваат јаболковите насади како претходните години (поради високата цена на електричната енергија), речиси сигурно е дека ова нагло намалување има врска со наводнувањето.
Не мора да значи дека најголемото наводнување е кај нас, иако Македонија има најдолга брегова линија и најмногу овоштарници покрај брегот. Ние немаме никаков увид дали и колку се наводнува во Корчанско поле во Албанија како и во Грција. Вистинска штета е што трите земји не можат да се договорат да го забранат наводнувањето со водите од езерото барем една сезона, за да бидеме сигурни дека наводнувањето не е причина за празнење на езерото, иако сé укажува на тоа. Истекувањето под Галичица не можело нагло да се зголеми и тоа токму откако започнаа горештините.