Рубрика: Наутика
Редефинирање на едрото за бродови
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.09.2023 - 10:00

Една англиска компанија неодамна тестираше нов тип на цврсто едро коешто има потенцијал да направи револуција во поморската логистика. Едрата од новата генерација инсталирани на транспортните бродови би можеле значително да ги намалат загадувачките емисии во поморскиот транспорт.

Според ИМО (International Maritime Organization), тело на Обединетите нации кое го регулира поморскиот сектор, на поморскиот транспорт отпаѓаат 2,7% од вкупните емисии на стакленички гасови на планетава. Големите бродови, бродовите за крстарење и товарните бродови, честопати се мошне стари и користат особено загадувачки горива, како што е тешката нафта, слабо рафиниран нафтен дериват кој чини помалку од традиционалниот дизел. А трошат многу – еден голем брод може да согори и до 250 000 литри гориво дневно.

Идејата за навраќање кон минатото со опремување на големите товарни бродови со пар едра дојде од Каргил, мултинационална компанија која исто така се занимава и со поморски транспорт, и има претставништва во главните светски пристаништа. Техничарите на компанијата го опремиле контејнерскиот брод Pyxis Ocean со две цврсти едра и го испратиле на патување од Кина до Бразил.

Крутите едра (крила) се високи околу 38 метри и се изработени од Bar Technologies, компанија позната по технологиите за спортско пловење и еден од главните снабдувачи на материјали за чамците во Купот на Америка, но и за тимовите во Формула 1.

За изградба на крутите едра биле користени истите материјали што се користат при производство на турбините на ветер. Едрата можат да “спакуваат” кога не се користат или кога бродот е закотвен во пристаништето. Како единствен недостаток се смета тоа што можат да создадат одредени потешкотии при процесот на товарење и истовар на контејнери. Но, технологијата е сè уште во повој, така што мошне веројатно во скоро време ќе се најде решение за овој проблем.

Според инженерите од Каргил, со две едра вкупните емисии на стакленички гасови на бродот би можеле да се намалат за 30%. А да не зборуваме и за заштедата на горивото, кое станува сè поскапо и во овој сектор. Накратко, технологијата ветувачка многу и е предодредена длабоко да го промени светот на поморскиот транспорт на повеќе начини. Којзнае, можеби наскоро да бидеме сведоци на навраќање кон старите пловни рути, оптимизирани за искористување на поволните ветрови, а напуштени со подемот на моторните бродови.

Клучни зборови: