Кина честопати се вбројува помеѓу главните глобални загадувачи, но во оваа азиска земја се проучуваат и пионерски технологии, со цел да се произведе чиста енергија во голем обем. Имајѓи го ова предвид не изненадува веста што неодамна, вдолж јужното кинеско крајбрежје кон островот Тајван, беше активирана највисоката ветерна турбина во светот, висока колку зграда со 50 ката.
Најголемата турбина на ветер на планетата беше пуштена во употреба на 19 јули во офшор парк – ветерна централа изградена во море, на потегот помеѓу бреговите на провинцијата Фуџијан (јужна Кина) и Тајван. Овој зелен џин со ознака MySE 16-260 е висок 152 метра. Турбината е поврзана со пропелер чиишто три сечила се долги 123 метри и тешки по 54 тона, а нивниот радиус на дејство зафаќа површина од 50 000 квадратни метри, што сликовито пренесоно би било еквивалент на седум фудбалски игралишта. Изградбата на овој колос е дело на China Three Gorges Corporation, лидер во секторот за енергетика, кој покажува голем интерес и за европскиот пазар.
Ова е првпат генератор од 16 мегавати да биде приклучен на комерцијална мрежа и, според тврдењата на кинезите, тој е способен да произведе електрична енергија доволна за напојување на 36000 домаќинства со три лица во текот на цела една година. Повторно според пресметките на компанијата, во истиот период, домашната електрична енергија произведена од еден таков извор на ветер, би требало да ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 54000 тони, наспроти употребата на централи на јаглен, под услов ветерната турбина да биде поставена во доволно ветровито подрачје.
Фармата на ветер Фуџијан се наоѓа во Тајванскиот теснец, каде налетите на ветер достигнуваат силина 7 според Бофоровата скала, што е речиси еден степен пред бура. Таков интензивен и постојан ветер е идеален за генерирање енергија, под услов турбините да можат да ги издржат влијанијата на околината. Гаранциите за можностите на ветерничкиот џин доаѓаат од Mingyang Smart Energy, компанијата која го дизајнираше MySe 16-260, која тврди дека сечилото може да издржи налети од екстремни ветрови со брзини од 79,8 метри во секунда (речиси 290 km/h).
Честопати овие тврдења важат само на хартија, но во овој случај опиплив доказ за нивната вистинитост имаше само неколку дена по инаугурацијата. Имено, ветерницата-џин ги издржа налетите на тајфунот Талим што ја погоди Источна Азија во јули 2023 година, без притоа да претрпи каква и да е штета!
Кинеската компанија веќе најавува производство на други идентични ветерници во други области на земјата, пред сѐ во ветерната електрана Zhangpu Liuao, а на остатокот од светот му останува само да гледа и да се обиде да го следи развојот.
Во Соединетите Американски Држави, во тек е изградба на Vineyard Wind 1, огромен офшор парк со турбини од 13 мегавати, додека во Данска сличен проект беше најавен во 2021 година, вештачки остров наменет исклучиво за поставување на ветерни турбини.