Рубрика: Хемија
“Лавовско стакло” – 10 пати поиздржливо од обичното
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.08.2023 - 12:45

Истражувачки тим од Универзитетот Пен Стејт изработи нов вид стакло којшто може да го намали за половина јаглеродниот отпечаток на обичното стакло засновано на силициум диоксид, но со најмалку 10 пати зголемена отпорност на кршење. Името избрано за производот е LionGlass (Лавовско стакло), а за да се намали неговото влијание врз животната средина, научниците елиминираа некои компоненти што се користат во традиционалниот синџир на производство на обичното стакло, како што се содата (натриум карбонатот) и варовникот, кои при процесот на соединување ослободуваат јаглерод диоксид во атмосферата. Понатаму, тие успеале да го обработат материјалот на пониски температури, од нешто преку 400°C до малку под 300°C, со што ја намалиле и потрошувачката на енергија за речиси 30%.

Што се однесува до издржливоста, треба да се има предвид дека стандардното стакло почнува да пука кога е подложено на оптоварување од 0,1 килограм со дијамантска дупчалка. LionGlass, од друга страна, се покажал целосно имун на таканареченото пукање за време на тестовите извршени со одредена машина. Ова, според тимот, го прави овој вид стакло идеален кандидат за примена во сектори како што се автомобилската индустрија, електрониката, архитектурата, комуникациите и здравството. Притоа проект менаџерот, Џон Мауро, додава дека примарна цел на истражувањето е глобалното производство на стакло да стане поодржливо на доли патеки.

Примерок од LionGlass, нов тип на стакло дизајнирано од истражувачите од Пен Стејт, кое бара значително помалку енергија за да се произведе и е многу поотпорно на оштетување од стандардното стакло фото: Пен Стејт

Научниот тим продолжува да работи на подобрување на карактеристиките на робусноста на новото стакло со цел да го направи уште потенко. Овој пристап ќе овозможи добивање на полесен производ, што ќе придонесе како за намалување на употребата на суровини и енергија неопходна за неговото производство, така и за полесен и поекономичен транспорт. Индустријата за стакло на глобално ниво придонесува за испуштање на околу 86 милиони тони јаглерод диоксид во воздухот секоја година, поради што од Пен Стејт веќе поднеле барање за патент до канцеларијата за патенти во САД, за да може што поскоро да се започне со производство и продажба во голем обем на одржливиот производ.

Клучни зборови:
Примерок од LionGlass, нов тип на стакло дизајнирано од истражувачите од Пен Стејт, кое бара значително помалку енергија за да се произведе и е многу поотпорно на оштетување од стандардното стакло фото: Пен Стејт

Примерок од LionGlass, нов тип на стакло дизајнирано од истражувачите од Пен Стејт, кое бара значително помалку енергија за да се произведе и е многу поотпорно на оштетување од стандардното стакло фото: Пен Стејт