Рубрика: Наутика
Дали иднината на туристичките крстарења е електрична?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 08.08.2023 - 18:45

Конечно имате доволно слободно време за малку свет да видите, па, ако буџетот дозволува, зошто да не се почестите со барем едно доживување во облик на крстарење?  Ама, тоа еко-црвот што ве јаде (во облик на ѓаволче со ликот на Грета Тунберг) може да шепне дека не е тоа за вас, дека таквиот тип на индустрија премногу загадува – за една година, еден брод за крстарење испушта сулфур оксид колку 25 милиони автомобили! Не очајувајте, за некоја година барем оваа грижа ќе може да ја тргнете на страна и на мира да планирате ;)

Според извештајот објавен пред четири години од Transport & Environment, за една година сите бродови за крстарење само на водечкиот во тур-оператор во индустријата – Carnival, испуштиле 10 пати повеќе сулфур оксид (SOx) отколку сите европски автомобили регистрирани за една година, што е вознемирувачка бројка ако се има предвид бројката од околу 260 милиони автомобили колку што се регистрирани на Стариот континент наспроти флотата од операторот којашто брои нешто помалку од 100 брода. Ако го земеме калкулаторот во рака и пресметаме, тоа значи дека еден брод за крстарење испушта сулфур оксид колку и 25 милиони автомобили! Сево ова загадување доаѓа од огромната количина на енергија што ја троши прекуокеанскиот брод, а којашто воглавно се произведува од дизел-електрични мотори кои трошат околу 250 тони гориво дневно.

Токму затоа истражувачкиот проект Sea Zero на норвешката компанија Hurtigruten изгледа како исклучително амбициозен предизвик – да се констурира и изгради брод за крстарење кој ќе може да ги “шета” туристите меѓу фјордовите на скандинавските земји а без притоа да произведува штетни емисии, и тоа до 2030 година!

Проектот, претставен на почетокот на месец јули оваа година,  вклучува брод кој може да прими 500 луѓе плус екипаж, опремен со едра што по потреба се спуштаат и собираат,  како и батерии од 60 мегавати. Полнењето на батериите би се одвивало на попатните станици со приклучување на норвешката електрична мрежа, која обезбедува струја произведена, во 98% од обновливи извори. Планерите пресметуваат дека за едно  стандардно 11-дневно крстарење, за бродот ќе треба да се планираат 7 или 8 застанувања за полнење на батериите.

Иако едрениците постојат стотици години, ако не и милениуми, компанијата Sea Zero, сепак треба да се пофали за иновативниот дизајн на едрата долги 50 метри, кои се покриени со околу 1500 m2 соларни панели, подготвени да собираат светлина речиси 24 часа на ден за време на долгите скандинавски летни денови. Освен искористувањето на сончевата енергија, овие едра се дизајнирани и да ротираат, со што се користи енергијата на ветерот во есен и на пролет, кога деновите се пократки, а ветровите во северните мориња се поконзистентни.

Дефинитивниот проект треба да биде одобрен до 2026 година, така што почетокот на изградбата на прототипот може се очекува во 2027 година, па првото еко-крстарење да го планираме најдоцна до 2030 година. Но, дали овој “мал” проект ќе даде сигнал за зелен пресврт во индустријата на крстарења е мошне тешко да се каже. Очекува да почекаме и да видиме :)

Клучни зборови: