Слоновите јадат растенија – општопознат факт и за биолозите и за децата што ги сакаат овие животни. Сепак, да се открие какви точно растенија јадат овие тревопасни животни е малку покомплицирано. Една нова меѓународна студија користеше иновативни методи за ефикасно и прецизно анализирање на навиките во исхраната на две групи слонови во Кенија, сѐ до специфичните видови растенија што ги јадат животните во групата. Нивните наоди за навиките на поединечните слонови помагаат во добивањето одговори на важни прашања во врска со однесувањето на групите во потрага по храна и им помагаат на биолозите во конзеваторските пристапите што најдобро ги одржуваат слоновите не само сити, туку и задоволни. Студијата е објавена неодамна во списанието Royal Society Open Science.
Една од главните алатки што научниците ја користеле при спроведување на студијата е наречена ДНК метабаркодирање. Се работи за најсовремена генетска техника што им овозможува на истражувачите да го идентификуваат составот на биолошките примероци преку споредување на извлечените ДНК фрагменти што ја претставуваат храната на слонот со библиотека од растителни ДНК баркодови.
Истражувачи од областа на молекуларната биологија и компјутерската техника од Универзитетот Браун, кои биле вклучени во студијата, развиле апликација што помагаво решавање на проблемите со кои се соочуваат конзерваторите во оваа област. Ова е прва употреба на ДНК метабаркодирање во обид да се одговори на долгорочното прашање “Како членовите на една социјална група, како што е семејството, одлучуваат каква храна да јадат?”.
Не само што е тешко да се следат слоновите, туку може да биде и речиси невозможно со око да се препознае нивната храна, дури и за експерт ботаничар кој вршел теренско истражување во Кенија. Истражувачката група ја споредува новата генетска техника со методот наречен стабилна изотопска анализа, која вклучува хемиска анализа на животински влакна. Двајца од авторите на студијата претходно покажале дека слоновите се префрлаат од јадење свежа трева во дождовните периоди кон јадење дрвја за време на долгата сушна сезона. Иако оваа напредна студија им овозможува на истражувачите да идентификуваат широки диететски обрасци, тие сè уште не можеле да ги препознаат различните видови растенија во исхраната на слоновите.
Во споменатата студија, кога пред 20 години биле правени стабилните изотопни анализи, научниците работеле со примероци од измет собрани во партнерство со непрофитната организација Save the Elephants. Примероците земени тогаш сè уште биле употребливи дури и по децении долгото складирање. Тимот ги споил комбинираните анализи на јаглеродни стабилни изотопи од изметот и косата на слонови со ДНК метабаркодирање, ГПС-следење и податоци со далечинско набљудување за да ја процени варијацијата во исхраната на поединечни слонови во две групи. Тие ја спариле секоја уникатна ДНК секвенца во примерокот со збирка референтни растенија и ја споредиле исхраната на поединечни слонови со текот на времето. Резултатите од нивната анализа покажале дека разликите во исхраната меѓу поединците се честопати многу поголеми од претпоставеното, дури и помеѓу членовите на исто семејството кои заедно бараат храна во ист ден.
Студијата помага да се реши класичниот парадокс во екологијата на дивиот свет: зошто борбата за храна во услови на ограничени ресурси не го цепка семејството и не ги принудува единките самостојно да бараат храна? Едноставниот одговор е бидејќи слоновите ја менуваат нивната исхрана врз основа не само на она што е достапно, туку и врз основа на нивните преференции и физиолошки потреби. Бремената слоница, на пример, може да има различни желби и барања во различни периоди од нејзината бременост.
Иако студијата не била осмислена да го објасни социјалното однесување, овие наоди сепак помагаат да се формираат теории за тоа зошто група слонови може заедно да бараат храна – единките не секогаш јадат потполно исти растенија во исто време, така што воообичаено ќе има доволно растенија за сите.
Наодите може да понудат вредни сознанија за биолозите што работат на конзервација на видовите, на заштитата на слоновите и другите главни видови, и да помогнат во создавање на средини во кои тие ќе можат успешно да се размножуваат и да ја зголемат својата популација, за што ќе им требаат разновисни растенија за исхрана. На тој начин може да се намалат шансите за конкуренција меѓу видовите и да се спречи животните да “крадат” од околните земјоделски култури.