НАСА и Лабораторијата Брукхејвен на американското Министерство за енергетика соработуваат со цел да поставаат телескоп на „темната страна на Месечината” во 2026 година. Доколку нивната мисија успее, таа ќе го означи првиот чекор кон разбирање на „мрачното доба” на универзумот.
Мрачното доба е ера на космолошката историја која започнува „само“ 380 000 години по Големата експлозија. Универзумот е стар приближно 13,8 милијарди години, така што почетокот на космичкото мрачно доба се случил во време кога универзумот бил само 0,003% од неговата сегашна старост. Во мрачното доба немало ѕвезди што би го осветлиле космосот. Како резултат на тоа, космолозите никогаш не биле во можност да го набљудуваат овој ран дел од историјата на универзумот. Но, древните радиобранови од мрачното доба се сè уште присутни во вселената и нивното проучување може да даде увид во некои од најголемите мистерии на природата – како се формирал самиот универзум или разбирањето на темната енергија, на пример. Проблемот за астрономите е што тука, на Земјата, радиосигналите ги маскираат трагите од древното минато на универзумот. Токму поради ова астрономите се свртија кон Месечината.
Пол О’конор, Анже Слосар и Свен Херман (од лево кон десно) во лабораторијата во Брукхејвен каде тимот го развива спектрометарот за LuSEE-Night
Новиот проект наречен Lunar Surface Electromagnetics Experiment-Night – LuSEE-Night има за цел за првпат да пристапи до сигналот од мрачното доба на универзумот. LuSEE-Night би требало да биде радиотелескоп кој ќе биде запишан во историјата како прв телескоп што пристигнал и преживеал на далечната страна на Месечината – научно точниот термин за она што разговорно го викаме темна страна на Месечината (не знам за вас, но јас за ова најмногу ги обвинувам Пинк Флојд и нивното влијание ).
Оваа негостољубива средина всушност не е постојано темна, но има доволно радиотишина за да овозможи детектирање на сигналот од космичкото мрачно доба. Имено, далечната страна на Месечината е во тотален мрак 14 земјини денови проследени со 14 дена брутална сончева светлина. Температурите во неколку часа варираат помеѓу 121°C и -173°C. Ова значи дека LuSEE-Night ќе мора да ја исфрла топлината во вакуумската средина во текот на денот и да се чува од замрзнување ноќе. А ова ќе треба да го направи без да го изгуби напојувањето во текот на 14-те дена континуиран мрак. За сето тоа време ќе спроведува уникатни научни набљудувања и експерименти какви што досега не биле преземени.
Каде на Месечината би требало да се најде LuSEE-Night
Имено, LuSEE-Night не е стандарден радиотелескоп. Тој е повеќе радиоприемник. ќе работи како FM радио, примајќи радиосигнали во сличен фреквентен опсег. Во неговото срце е спектрометарот. Како радиоприемник, тој може да ги двои радиофреквенциите и да ги претвора сигналите во спектри. Иако никој досега не направил ваков инструмент, научниците сепак занаат како да ја направат најважната компонента од инструментот – извонредно чувствителен спектрометар.
По испораката на телескопот, лендерот на LuSEE-Night целосно ќе се исклучи за да не предизвика никакви пречки. Телескопот ќе ги прошири своите четири антени долги три метри. Тогаш LuSEE-Night ќе биде оставен на себе да ја преживее суровата вакуумска средина на далечната страна на Месечината. Од слетувањето на телескопот до пристигнувањето на приот пакет податоци на Земјата преку сателитски релеј ќе следи мачно 40 дневно чекање.
LuSEE-Night е дизајниран да собира податоци за две години.