Во периодот од 27 до 29 јуни во античкиот град Охрид, успешно се реализираше 30-тата јубилејна меѓународната конференција за системи, сигнали и обработка на слики (International Conference on Systems, Signals and Image Processing – IWSSIP) 2023. Конференцијата беше организирана од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и технички ко-спонзорирана од ИЕЕЕ и Македонската секција на ИЕЕЕ. Оваа реномирана конференција беше организирана претходно во 13 различни држави, и за првпат се организира во Македонија.
На конференцијата учество земаа 254 автори од 26 држави од 5 континенти, преку презентација на 74 научни труда од најактуелните области од обработка на биомедицински сигнали, процесирање на говор, аудио, слика и видео, телекомуникациски мрежи, безжични телекомуникации, мултимедиа, машинско учење, електроенергетика, сигурност, и специјална сесија за радари и далечинско насетување. Воедно, на IWSSIP учествуваа и три реномирани научници со пленарни предавања од нивните потесни специјалности, и тоа: професорот Jaap van de Beek од Lulea University of Technology, Шведска, со предавање насловено како Meta Surfaces for Cellular Networks: From Idea To Impact; професорот Ioannis Pitas од Aristotle University of Thessaloniki, Грција, со предавање под наслов Big Data Analytics for Natural Disaster Management; и професорот Zabih Ghassemlooy од Northumbria University, Англија, со предавањето Optical Wireless Communication at a Glance.
На годинешниов IWSSIP имаше 16 технички сесии (од кои две беа онлајн). Од прифатени 74 трудови, презентирани беа 73 трудови. На конференцијата учествуваа регистрирани 82 учесници, на сесиите беа присутни просечно над 30 посетители, а на пленарните предавања над 50 учесници.
Конференцијата изобилуваше и со многу општествени настани, посета на градот Охрид со брод и туристичка тура на историските знаменитости со водич, свечена вечера, и низа други собири, каде што се вмрежија голем број научни умови од земјава и странство со планови за идна професионална соработка.
Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) се покажа како одличен организатор на уште една успешна меѓународна конференција.