Во светот има милиони видови габи, но едвај неколку стотици се способни да заразат луѓе. Една од нив е габата Coccidioides immitis, која може да предизвика сериозни, а понекогаш и фатални инфекции. Како што објаснува видеото на американскиот онлајн медиум Vox, се чини дека климатските промени во комбинација со уште некои фактори – посушна клима, пренаселени градови и сѐ понаселени пустини – предизвикаа ширење на потенцијално смртоносната габа Coccidioides во САД.
Coccidioides е мошне ‘чудна’ габа. За разлика од повеќето други видови, кои растат на темни, влажни и студени места, таа се размножува во пустина. Инфекцијата што ја предизвикува носи неколку имиња: кокцидиоидомикоза, пустински ревматизам, треска Сан Хоакин, долинска треска. Симптомите што ги предизвикува се слични на оние на грипот, но може да траат повеќе од еден месец. Од секои десет инфицирани, кај четворица може да се развие хронично белодробно заболување, менингитис или осип на кожата, кои можат да бидат фатални. За среќа, епидемиите се доста ретки, а 97% од случаите се концентрирани во сојузните држави Калифорнија и Аризона.
Во 2019 година, податоците на ЦДЦ зборуваа за околу 20 000 случаи на долинска треска, но според некои истражувачи, имајќи предвид дека некои сојузни држави во САД не нудат официјален биланс, сосема можно е секоја година бројката на заразени да достигнува и речиси 350 000. Она што е јасно е дека ширењето на Coccidioides се зголемува. Само Калифорнија, во периодот од 2013 до 2019 година, бележи пораст на регистрираните случаи за 159%, а сега случаи се регистрирани и во нови региони – Мексико, Централна и Јужна Америка.
Coccidioides се манифестира во две форми. Првата, амбиентална, ѝ овозможува да живее во пустина. За време на песочните бури или кога машините ја копаат земјата при градежни работи, габата во воздухот ослободува спори кои цицачите потоа ги вдишуваат. Откако ќе се вдишат, овие спори завршуваат во белите дробови каде што се трансформираат во паразити (втората форма) кои се размножуваат и растат во телото на домаќинот.
Друг начин на кој Coccidioides може да се шири е со инфицирање на пустинските глодари кои ја вдишуваат габата додека копаат јами. Coccidioides или лежи во хибернација во белите дробови на животните, или ги убива со јадење одвнатре – го вари телото сѐ додека не остане никаква трага. Во тој момент повторно се појавува во почвата во својата амбиентална форма. Колку повеќе пустински глодари има, толку повеќе габата ги инфицира и се шири. Последниве години, поголемата зачестеност на дождовите овозможи проширување на вегетацијата во пустината, а поголемата достапност на храна привлекува повеќе глодари, а ова значи сѐ повеќе и повеќе домаќини во коишто габата може да се настани.
Но, сè уште малку се знае за оваа габа и постојат многу неодговорени прашања во врска со неа. Студијата цитирана од Vox проценува дека распространетоста на кокцидиоидите би можела да порасне повеќе од двојно до 2095 година, како резултат на сè посувата клима во САД. Ако на ова се додаде зголемениот обем на градба во пустините и популацискиот бум во градовите како Феникс, се добива речиси совршен рецепт за умножување на случаите на долинска треска.