Рубрика: Омнибус
Американците ќе започнат да јадат месо одгледано во лабораторија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 04.07.2023 - 14:30

Конечно, сендвич направен со пилешко месо одгледувано во лабораторија ќе стане дел од менито – барем за оние што живеат во САД. Имено, минатата недела американското Министерство за земјоделие го даде првото одобрение за клеточно култивирано месо произведено од две компании, GOOD Meat и UPSIDE food. Обете компании одгледуваат мали количества пилешки клетки во парчиња месо, без потреба од колење на животни. Ова е последната регулаторна поддршка што им беше потребна на компаниите со седиште во Калифорнија да започнат со продажба и послужување на нивните производи во САД.

Одобрувањето доаѓа нешто помалку од една година откако Управата за храна и лекови ги прогласи производите на компаниите безбедни за јадење и претставува голема пресвртница за растечката индустрија за култивирано месо. Но, тоа не значи дека шницлите одгледани во лабораторија уште утре ќе се најдат на полиците во американските супермаркети. Засега, двете компании добија зелено светло да продаваат строго пилешки производи во неколку избрани ресторани, но за продажба на говедско и свинско месо или морска храна култивирана од клетки, ќе им биде потребно дополнително одобрение.

Лабораториски одгледано пилешко месо исечено на парчиња Фото: GOOD Meat

Лабораториското одгледување на култивираниот пилешки медаљон започнува на класичен начин, со јајце. Технолозите земаат примероци од матични клетки од оплодено пилешко јајце и потоа ги тестираат клетките за еластичност, вкус и способност да се делат и да создадат повеќе клетки. Следно, научниците можат да ги замрзнат најдобрите клеточни линии за идна употреба.

Кога е време да се започне со производство, научниците за храна ги потопуваат клетките во сад од нерѓосувачки челик исполнет со супа богата со хранливи материи што ги содржи сите состојки потребни на клетките да растат и да се делат. По неколку недели, клетките започнуваат да се прилепуваат една до друга и произведуваат доволно протеини за “жетва”. На крај, со мешање, загревање или кинење (GOOD Meat користи екструдер), научниците на месото му даваат текстура месото и го притискаат во форма на медаљон или котлет.

Засега одгледуваното пилешко месо ќе биде достапно само во неколку ресторани. Bar Crenn, ресторан со Мишелин ѕвезда во Сан Франциско, ќе служи месо прозиведено во лабораториите на UPSIDE Foods, додека славниот готвач Хозе Андрес, член на одборот на директори во GOOD Meat, ќе послужува култивирано пилешко на компанијата во еден од неговите ресторани во Вашингтон Д.Ц.

Ражнич со лабораториски добиено пилешко месо Фото: GOOD Meat

Капацитетите за производство на култивирано/одгледувано месо, во најмала рака, ќе трошат драстично помалку земја и вода од традиционалното земјоделство и директно ќе испуштаат помалку стакленички гасови, иако нивниот вкупен евентуален јаглероден отпечаток на масовно производство е нејасен. Имено, сè додека одгледуваното месо не започне да се произведува во поголем обем, неговите предложени еколошки придобивки остануваат непроверени.

Одржливост плус вкус е ветување што компаниите за производство на протеини од растително потекло, како што е Impossible Foods, се обидуваат да го испорачаат речиси една деценија. Иако овие производи се здобија со популарност и веќе се дел од  менито за брза храна, тие сѐ уште не се прифатени во обем на којшто се надеваат во оваа индустријата. Месото култивирано со клетки може да помогне да се премости тој јаз.

Извор Scientific American

Клучни зборови:
Култивирано пилешко месо исечено на парчиња

Култивирано пилешко месо исечено на парчиња Фото: GOOD Meat

Ражнич со лабораториски добиено пилешко месо

Ражнич со лабораториски добиено пилешко месо Фото: GOOD Meat