Велат дека природата е најдобриот и најкреативниот уметник кој го создал целиот Универзум. Ноќното небо исполнето милијарди галаксии и уште повеќе ѕвезди е само една потврда за тоа. Погледот го одзема здивот. На фотографиите и видеото е само еден дел од таа прекрасна небесна убавината на ноќното небо над Штип. Уживајте...
Фотографирањето на галактичкото јадро, односно центарот на Млечниот Пат, претставува особен интерес на многу љубители на фотографијата, видеото и астрономијата во светот. Како што знаеме, нашата планета Земја е дел од Сончевиот Систем, кој пак е едно мало делче од нашата Галаксија која ја нарекуваме Млечен Пат.
Млечниот пат го сочинуваат од 100 до 400 милијарди ѕвезди како нашето Сонце, при што добар дел од овие ѕвезди имаат свои планетарни системи, но и други космички тела.
Фотографија на Центарот на нашата галаксија - Млечен Пат, или Кумова слама, како што некои го нарекуваат направена во мај оваа година. Фотографирано е од место доволно темно, крај Штип, близу до спортскиот аеродром Сушево и селото Сушево. Лево долу, на врвот на планината Серта се гледаат црвените светла на антенските столбови од телекомуникациските оператори, оддалеччени околу 21 км од местото каде што бев јас. Малку по на десно, се гледаат светилките од селата Селце и Драгоево. Најблиските светла се светилки од индустриски објекти. Црвените светла, во средината на фотографијата е од запаленото ѓубре, на градската депонија крај Пенуш. Жолтеникавите светла позади ридовите во малку по на десно од средината на фотографијата се светлата на градовите Неготино и Кавадарци.
Нашата Галаксија има форма на сплескана спирала, а во центарот на галаксијата се наоѓа масивна црна дупка која со својата гравитација ги вшмукува околните објекти. Големината на Млечниот пат е огромна – растојанието од едниот до другиот крај изнесува околу 100 милиони светлосни години. Една светлосна година е мерка за растојание која е еднаква на растојанието што го поминува светлината за една година. Замислете колку е тоа огромно растојание, ако знаеме дека светлината во вакуумот на вселената се движи со брзина од 300 илјади километри во секунда. На пример, за една секунда светлината може да ја заобиколи земјината топка 8,5 пати!
Од друга страна, нашата Галаксија се смета за мала во однос на милијарди други, многу поголеми галаксии во вселената. Галактичкото јадро, односно центарот на Млечниот пат може да се види само од места кои се доволно мрачни и се наоѓаат далеку од светлата на градовите, населбите и индустријата. Светлосното загадување ни оневозможува да уживаме во убавите глетки кои ни ги нуди вселената. Многумина од нас немале можност да ја видат убавината на Млечниот Пат или Кумовата слама, како што некои ја нарекуваат нашата галаксија. Се сеќавам како мал, пред многу години, кога бевме на одмор во Претор, една вечер одевме пешки од Претор до туристичката населба Асамати. Тогаш, далеку од сите светла на населените места, мракот беше потполн. Сѐ уште не можам да ја заборавам таа прекрасна глетка на небото со краците од нашата галаксија и безброј други ѕвезди...
Тајмлапс видео од фотографиите направени во мај оваа година
Од северната полутопка на Земјата, центарот на Млечниот Пат може да се види во месеците од март до септември, во насока кон југоисток, југ и југозапад. За да може убаво да се види, треба ноќното небо да е јасно, без облаци и тоа во период кога е млада Месечина, односно кога нема Месечина на небото, бидејќи Месечината со својата светлост ќе ја попречува релативна слабата светлост на галактичкото јадро.
Периодот за најдобро набљудување, фотографирање и снимање на галактичкото јадро изнесува само неколку ноќи месечно, (кога е млада Месечина) во месеците од март до септември. Покрај тоа, треба да имаме среќа во тие ноќи времето да е ведро, без облаци и без многу ветер.
Почнувајќи од март па до 19 јуни, времето не беше погодно за фотографирање на Млечниот Пат. Всушност, имаше само неколку денови кога ноќите беа ведри, без облаци.
Во март немав можност да ја фотографирам оваа убава астро-глетка, зашто времето беше облачно, па не ни излегов ноќта. Во април излегов подалеку од градот, каде што мислев дека е доволно мрачно, ја поставив опремата за снимање и снимав околу два и пол часа, ама потоа на снимката видов дека во насока кон југоисток, југ и југозапад небото е полно со облаци. Така и тој обид пропадна, а јас останав со една непроспиена ноќ зад себе :)
Временската прогноза за периодот околу 19, 20 и 21 мај исто така беше неповолна, па мислев дека и тогаш ќе немам прилика, но попладнето на 19 мај времето почна да се разведрува и си реков “Ќе излезам, па што биде нака биде!”...
Тогаш отспав два-три часа и околу 1 часот по полноќ (рано изутрина на 20 мај), станав да видам дали небото е облачно. Колку што можев да видам, беше ведро, па донесов одлука да си ја пробам среќата :)
Направив неколку добри снимки од местото крај Сушево, каде пристигнав околу 2 часот по полноќ, а фотоапаратот го наместив автоматски да прави фотографии на секои 20 секунди, со 15 секунди експозиција во период од два часа. Вкупно направив повеќе од 300 фотографии од кои потоа го направив ова видео. Некои од фотографиите морав да исфрлам, зашто се појавија облаци, а последните стотина фотографии беа неупотребливи, затоа што на објективот од фотоапаратот се беше кондензирала влага во студените ноќни часови, па фотографиите беа матни.
Сѐ на сѐ, убаво искуство. А како за прв пат, бев охрабрен од добрите фотографии и краткото видео од јадрото на нашиот поширок дом, нашата галаксија Млечниот Пат, па решив во овој месец, на 19 јуни, за време на младата Месечина, да отидам на некое друго мрачно место и пак да го снимам јадрото на Млечниот Пат.
Такво едно релативно мрачно место, открив на само 7 километри од Штип во правец кон селото Шашаварлија. Јужниот дел од небото, каде што треба да биде јадрото на нашата галаксија, е релативно без светлосно загадување и доволно добро за астро фотографија. Исто така, пред неколку дена пристигна и новиот објектив за фотоапаратот кој има поголема светлинска моќ, за да може да се фотографира во темни услови.
Што се однесува до временската прогноза, таа повторно беше неповолна. Со денови и месеци небото беше прекриено со облаци, ама за среќа, токму на 19 јуни прогнозата беше дека околу полноќ ќе се разведри. Така и се случи.
Фотографија направена ноќта помеѓу 19 и 20 јуни. На снимките може да се види околината, дрвјата, ридовите... Во реалноста, ноќта беше толку мрачна што прст пред око не се гледаше, ама со подолга експозиција при фотографирањето, дури и најмалата светлина од предметите во околината стануваат видливи.
Иако целиот ден беше облачно, околу полноќ се разведри и јас кинисав на местото за кое се определив дека ќе биде добро за ноќно снимање. Направив неколку добри снимки од местото крај село Шашаварлија, каде пристигнав околу половина час по полноќ, а фотоапаратот го наместив автоматски да прави фотографии на секои 20 секунди, со 15 секунди експозиција во период од два и пол часа. Вкупно направив околу 400 фотографии, од кои потоа го монтирав видеото во прилог. Имав среќа што и температурата на воздухот беше повисока од онаа на која се кондензира влагата, па така објективот за цело време на снимањето беше кристално чист и без кондензирана влага.
Тајмлапс видео од фотографиите направени во јуни оваа година
Видеото составено од 360 фотографии трае точно 15 секунди, ама за да биде малку подолго и поинтересно, го дуплирав и сега трае 30 секунди, со тоа што на вториот дел ја свртев насоката на движење на ѕвездите.
На снимките може да се види околината, дрвјата, ридовите... Инаку во реалноста, ноќта беше толку мрачна што прст пред око не се гледаше, ама со подолга експозиција при фотографирањето, дури и најмалата светлина од предметите во околината стануваат видливи.
Фотографија направена ноќта помеѓу 19 и 20 јуни. На снимките може да се види околината, дрвјата, ридовите... Во реалноста, ноќта беше толку мрачна што прст пред око не се гледаше, ама со подолга експозиција при фотографирањето, дури и најмалата светлина од предметите во околината стануваат видливи.