Зрно-фестивалот на алтернативна фотографија, кој своето прво издание го имаше минатата година, за една година прави голем исчекор во квалитетот и квантитетот на содржините кои ги нуди. Како единствен фестивал во регионов и меѓу ретките во светот кој ги негува благородните фотографски техники и има висок естетски стандард, Зрно на отворениот повик за дела привлече алтернативни фотографии од околу триесет земји од светот, од сите континенти.
Селекцијата ја правеше осумчлено меѓународно жири во состав: Ивана Томановиќ, од Академијата за уметност од Нови Сад; Наталиа Копкина, од Финскиот „даркрум“ институт; Емил Киндлајн, од Аналогманиа-Темишвар/Виена; Дино Рекановиќ, Ротлихт фестивал-Виена, Стиг Марлон Вестон, алтернативен фотограф од Осло; Сашо Алушевски, претставник од Зрно фестивалот; Бруна Валенца, Сао Паоло; и Емилија Сандиќ, Академија за уметност, Нови Сад. Бруна Валенца и Емилија Сандиќ се млади авторки за кои веруваме дека допрва ќе се слушне, а тоа е дел од пристапот на Зрно, да промовира млади автори/ки. Од друга страна, тие ѝ го даваат специфичниот естетски поглед на помладите генерации, клучен а често занемарен во вакви процеси.
Избрани се околу 120 дела на отворениот повик кои ќе бидат изложени во Мултимедијалниот Центар Мала Станица во Скопје, на 16 јуни 2023 година, со почеток на изложбата во 20 часот. Ова е единствена можност кај нас да се видат неверојатно храбри, експериментални и естетски издржани дела од најразлични фотографски техники, од едноставни цијанотипии до оригинални колодиумски стакла од огромен формат и многу различни експерименти измеѓу. Низ целата селекција провејува еден модерен, ведар и луциден дух на современата светска фотографија, ослободена од вештачки наметнатите стеги на медиумот, од минатиот век.
Следно на програмата на Зрно е изложбата на два неверојатно специфични автори. Едниот е Жозеф Мариа Рибас Прус – најнаградуваниот шпански ФИАП фотограф. Сериозно име во светот на фотогафијата, со неверојатна вештина од темната комора. Наспроти него, Зрно го изложува Дамиан Диаконеску фотограф од Темишвар, алхемичар, мајстор на бројни аналогни, алтернативни процеси со невидена естетика. Крајно непознат за јавноста вон Темишвар и крајно вреден за светска слава. Зрно верува дека промовира и нови ѕвезди на современото фотографско небо. Дијалогот на многу нивоа на овие два автори, ќе можете да го проследите во КИЦ, на 20 јуни, кога е закажано и отворањето на оваа изложба во 20 часот и 30 минути.
Делата од отворениот повик потоа, на 8 јули се селат во Битола во Офицерскиот дом, а работилниците за седум алтернативни фотографски процеси ќе се одржуваат во селото Цапари, во просториите на уметничката колонија Де Ниро, од 10 до 16 јули. Пријавените учесници на работилниците се една прекрасна шарена комбинација од најразлични вљубеници во фотографијата ширум Европа и една учесничка од САД. На 14 јули, во Кино Манаки во Битола, на отворениот ден на фестивалот, во 20 часот, професорот Роберт Јанкулоски ќе одржи претставување на делото на браќата Манаки, изложба на нивни фотографии, а потоа ќе биде прикажан и филм за нивниот живот и дело.
Програмата на Зрно 2023 ќе заврши со изложување на дел од делата кои ќе настанат на работилниците.