Сопственоста на оружје е тема на дебата во САД со години. За многумина, тоа е прашање на лична слобода, па дури и дел од културата, додека други веруваат дека бројот на масовни крвопролевања кои се тажна константа во американското секојдневие, би можел значително да се намали доколку пушките не би биле толку достапни. Американскиот стартап Biofire верува дека постои компромис помеѓу поседувањето пиштол и неговата безбедност – оружје што може да го користат само нивните сопственици, коешто доколку падне во погрешни раце, не може да се користи за напади и убиства. На тој начин би се избегнале опасните ситуации кои можат да настанат кога децата ќе го најдат оружјето на родителите, а детската игра ќе се претвори во трагедија.
Biofire Smart Gun има вграден сензор за препознавање лице на задниот дел и сензор за отчитување на отпечатокот од прст на рачката
Имено, нивниот Biofire Smart Gun доаѓа со една опција која на сите ни е позната од паметните телефони – биометрија. Слично како што можеме да ги отклучиме телефоните само со нашиот отпечаток или препознавање на нашето лице, Biofire ја користи истата технологија за да го препознае сопственикот на пиштолот. Затоа, оружјето може да го користи само неговиот сопственик, односно може да го користат најмногу пет лица, на пример, членови на домаќинството, кои можат да се пријават за употреба на нивните биометриски податоци.
Лево: Biofire Smart Gun поставен на докинг станицата за полнење и програмирањe. Десно: Biofire Smart Gun работи на литиум-јонски батерии и користи електроника за активирање на механизмот за окинување
Пиштолот се појави на американскиот пазар минатата недела и, како што нагласуваат од компанијата, еден модел е веќе распродаден, а испораките ќе започнат во последниот квартал од оваа година. Цената на основниот модел е 1500 американски долари, а достапни се уште две поскапи верзии кои чинат 1900 или дури 2500 долари. Секој од овие модели овозможува уникатно прилагодување и персонализација, како што се избор на боја, конфигурирање на пиштолот за левораки корисници, можност за креирање прилагоден сериски број на оружјето, нагодување на чкрапалото итн.
Biofire Smart Gun доаѓа заедно со посебна кутија за чување
Но, за време на демонстрациите пред новинарите паметниот пиштол откажал двапати. Од Biofire велат дека во тие два случаи проблемот не бил во биометриката, туку во механичкиот систем. Како и да е, ова не е вест што охрабрува. Имено, ако сопствениците на овој пиштол се најдат во ситуација во која треба да пукаат, а оружјето се заглави, тоа може да ги чини нивниот живот.