Рубрика: Психологија
Како да препознаете лажго?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.04.2023 - 11:30

Не, не... секако дека носот нема да расне до недоглед со секој неточен исказ. Ако се сомневате дека си имате работа со лажго, прашајте го да ви даде колку што е можно повеќе детали за приказната – ако лаже тој ќе ги измисли и ќе падне во контрадикторност...

Кој е најдобриот начин да се фатат лажговците? Заборавете на говорот на телото, фактот дека пораката е убедлива или дека изгледот на говорникот е повеќе или помалку невин. Според еден холандски тим истражувачи, она на што треба да обрнете внимание се деталите во она што се раскажува. „Оној кој ја кажува вистината, може да ги опише деталите за тоа што му се случило, запомнувајќи ги ако треба да ги повтори; оние кои лажат можат само да ги измислуваат, зголемувајќи го ризикот да бидат откриени затоа што полесно ги забораваат и притоа паѓаат во контрадикторност“, – објаснува Бруно Вершуере (Bruno Verschuere), координатор на студијата објавена деновиве во Nature Human Behaviour.

По уривањето на кулите близначки во Њујорк на 11 септември 2001 година, безбедносниот персонал по аеродромите ширум светот (но и на други клучни места) е обучен да препознава најмалку 92 сигнала од различен тип за да се разоткрие личноста што кажува невистини. Но, според Вершуере целата оваа работа можеби е мака Сизифова, односно како што вели тој: „Тоа е невозможна задача. Не можете да ги анализирате сите тие сигнали за мошне кратко време.

Друга техника, која често се користи за да се направи разлика помеѓу лажговците и чесните луѓе, е набљудување на говорот на телото. На пример, зачестеноста на трепнувањето на окото или фактот дека лажгото несвесно ги имитира движењата на својот соговорник. Но, според авторите тајната на разоткривањето е да се фокусираме на она што е кажано.

За да дојдат до овие заклучоци, научниците спровеле неколку експерименти. Во едниот од нив тие поделиле група студенти во две подгрупи, невини и виновни. “Виновникот” морал да украде испитни прашања од шкафче, додека “невините” поминале половина час шетајќи во кругот на универзитетскиот кампус. Потоа, двете групи морале да кажат дека поминале половина час шетајќи низ кампусот.

Во друг експеримент биле вклучени речиси 1500 луѓе, од кои било побарано да ја оценат точноста и искреноста на измамничките изјави во пишани реченици, транскрипти и во видео интервјуа.

На почеток учесниците во експериментите имале потешкотии да ги разликуваат лажговците од чесните, но кога од нив било побарано да се потпрат само на количината на детали дадени во приказната (за местото, луѓето, времето), тие многу полесно ги разоткривале измамниците – оние што лажеле морале да измислуваат, полесно запаѓајќи во контрадикторности; тие што ја кажувале вистината, од друга страна, лесно можеле да кажат на што се сеќаваат, без страв дека ќе згрешат.

Клучни зборови: