Деновиве налетав на една интересна објава којашто ме инспирираше за следново размислување. Имено, сѐ околу нас во природата е материја. Материјата која е појдовна за понатамошна обработка и доработка ја нарекуваме материјал. Е токму таа понатамошна доработка, или обработка со цел да се направи од материјалот нешто корисно, во економијата се нарекува додадена вредност. Додадената вредност ја зголемува вредноста на материјата и таа вредност се нарекува употребна вредност. Тоа е и целта зошто го обработуваме материјалот: за нам како таков, со додадената вредност, тој да ни послужи за нашите потреби.
Како изгледаат скалилата на додавање на вредност на појдовниот материјал согласно објавата ќе прикажам во продолжение (пропорциите се запазени иако апсолутните вредности на цените се ориентациони, што воопшто не пречи на мојата порака):
Ако за појдовен материјал имаме челик со маса од 1 килограм, тој вреди (пазарна вредност) околу 5 американски долари. Доколку од тоа парче сакате да направите потковици наменети за коњи, вредноста на потковиците со вкупна тежина од 1 колограм би се искачила на околу 250 долари. Но, ако наместо потковици се одлучите да направите игли за шиење текстил, вредноста ќе изнесува 70 000 долари. Ако, пак, се одлучите да правите пружини и запченици за рачни механички часовници, вредноста на тоа парче челик ќе скокне на 6 милиони американски долари. Сепак, доколку се решите со помош на ласер да произведувате прецизни компоненти кои се користат во литографската индустрија, вредноста на тоа парче челик тешко 1 килограм би се искачила на 15 милиони американски долари.
Како заклучок следува следната реченица:
Вашата вредност не е само она од што сте создадени, туку над сѐ, тоа што можете да го изнедрите како најдоброто од себе, од она што веќе сте или што сте го додале како вредност на вашиот појдовен материјал од коски и месо...!
Мој дополнителен заклучок: сите сме создадени од ист материјал, но сите сме ‘скроени’ различно, и многу различно придонесуваме во општеството што, всушност, ја дефинира нашата вредност. Работете на тоа, на таа додадена вредност, затоа што тие вештини се клучни за вашето позиционирање во општеството, а согласно тоа и за дефинирање на вашата вистинска, реална вредност.