Рубрика: Астрономија и астронаутика
Пролетна рамноденица
Автори: Невенка Стојановска, Даниел Анастасов
Објавено на 20.03.2023 - 17:45

Првиот ден од пролетта, кој оваа година паѓа денес 20 март официјално е тука. Овој ден е познат и како пролетна рамноденица и ово настан речиси секогаш е резервиран за 20 или 21 март. 

Земјата ротира околу слободна оска на ротација која е под агол од 23,5° во однос на еклиптичната рамнина (рамнината во која се наоѓаат Сонцето и сите планети во Сончевиот систем). За една цела ротација околу оваа оска на Земјата, велиме дека изминал еден ден (деноноќие). Поради ваквата поставеност пак на оваа оска на ротација, во однос на еклиптичната рамнина и кружното движење на Земјата околу Сонцето, имаме годишни времиња. Една година е временскиот период на една Земјина ротација околу Сонцето.

На северната Земјина полутопка, годишното време кое започнува со најкраткиот ден во едно деноноќие го нарекуваме зима, и тоа трае сѐ до пролетната рамноденица. Годишното време кое трае од пролетната рамноденица до летната долгоденица го нарекуваме пролет. Лето е годишното време кое започнува на најдолгиот ден и трае до есенската рамноденица. На есенската рамноденица започнува есента и трае сѐ до зимската краткоденица. Додека пак на јужната Земјина полутопка, годишните времиња настапуваат обратно – пролетната рамноденица на јужната хемисфера се случува во спротивно време од годината, додека кај нас, на северната хемисфера, се случува есенската рамноденица.

Поставеноста на оската на земјината ротација во однос на еклиптичната рамнина, посебните денови во годината и годишните времиња на северната Земјина полутопка.

На првиот ден од пролетта сонцето се крева на точно на исток и заоѓа точно на запад за сите во светот. Имено рамноденицата е единствениот период кога наклонот на Земјата е нула во однос на нашето сонце. Таа го означува моментот кога Сонцето преминува преку небесниот екватор, замислените линии на небото над екваторот, од југ кон север. Тоа се случува два пати годишно, односно околу 20 март и 23 септември. Со оглед дека тогаш ноќта и денот се речиси речиси подеднакво долги – 12 часа, набљудувано од сите точки на планетата Земја, овој настан е познат како рамноденица, што потекнува од латинскиот „equinoxium“, односно aequinoctium – equi, aequ + nox, noct – ноќ. Сепак, во реалноста рамнодениците не подразбираат точно 12 часа дневна светлина. Времетраењето на денот и ноќта малку се разликуваат, поради агловиот дијаметар што Сонцето го зафаќа на небото и поради атмосферската рефракција. Само за набљудувачите кои се наоѓаат на самиот екватор, денот и ноќта ќе бидат со приближно исто времетраење од по 12 часа, односно ќе има разлика од само 4 минути.
Датумот на пролетната рамноденица се менува секоја година, бидејќи се одредува со времето на преминот на сонцето над Земјиниот екватор, што пак зависи од неколку фактори.

Орбитата на Земјата постојано се менува во однос на сонцето, додека во исто време гравитацијата на другите планети влијае на локацијата на Земјата во вселената. Овие физички влијанија, заедно со фактот дека секоја календарска година нема ист број денови (да, тука мислиме на престапните години), влијаат на тоа датумот на првиот ден на пролетта да варира од година во година. 

 

Како изгледаат деновите на солистициум и рамноденица од вселената
Клучни зборови: