Рубрика: Научна фантастика
Промовирана книгата „Во светот на научната фантастика“ од Љубомир Михајловски
Објавено на 17.02.2023 - 13:15

Научната фантастика за која велешанецот Љубомир Михајловски пишува е област која со неговите дела ја збогатува светската книжевна ризница со цел да го освести човештвото за најголемата опасност на неговото постоење, од мрачната старана на човековиот ум. Вчера, 16.2.2023, во Медијатеката на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, беше промовирана енциклопедијата „Во светот на научната фантастика“ – прво вакво дело од областа на теоријата и историјата на научната фантастика на македонски јазик.

Промотор беше авторот Миле Костов кој пред присутните потенцираше дека книгата содржи значајни податоци за историјата на научната фантастика во светот и во рамките на нашата држава, додавајќи дека оваа област е опширна и недоволно истражена.

Не можам да го искажам моето воодушевување од книгава, во која Љубомир прецизно, концизно, и на интересен начин ја презентирал научната фантастика како дел од животот. Дава преглед на историјатот, развојот и медиумите на изразување на ова творештво од најраниот период, па до денес, опфаќајќи го светското и македонското творештво“, рече Миле Костов.

Во книгата е детално обработена темата за фантастиката во сите области-музика, филм, литература, стрип…

Самиот автор истакна дека полето на научната фантастика треба да допре кај сите млади. “Научната фантастика не е бегство од реалноста,”– додаде тој, “Напротив, мораме да ја согледаме реалноста онаква кава што е, без оглед на тоа колку е можеби непријатна, за да ја смениме. Научната фантастика ни дава насока кон она што треба да се стремиме, кон една идеална сцена, или не предупредува што да избегнуваме”, – рече Михајловски.

Во продолжение тој истакна дека секој човек има право да биде нормално ментално развиен и самиот да се развива како таков, а за истото да биде постигнато, треба да многу да се чита.

Секој треба да има свој карактер и да има сопствено размислување со цел да создаде став кадешто ќе може цврсто да каже „Не“. Бидејќи тоа што се прифаќаме е одење по широк пат и нема квалитетен живот. Секој човек, секоја единка си е оргинална за себе и си носи свој универзум во себе и секој универзум е достоен да биде испрезентиран и да не го чува човекот во себе. Нема да создадеме ништо ако постојано молчиме и прифаќаме се, на погрешни места кажуваме свое мислење. Мислењето се кажува секогаш кога ќе испадне од душа”, – кажа Михајловски.

Освен што “Во светот на научната фантастика” е напишана на македонски јазик, авторот рече дека има голема заинтересираност книгата да биде отпечатена и на англиски јазик. Наскоро, на 13 март, ова значајно дело ќе има своја промоција и во Белград, а во следниот период се очекува промоција и во Скопје.


Книгата е издание на Центарот за научна фантастика Македонија којшто во 2025 година ќе слави 40 години постоење.

Наскоро „Во светот на научната фантастика“ од Љубомир Михајловски ќе може да ја набавите и од е-продавницата на ЕМИТЕР.

Клучни зборови: