Рубрика: Сеизмологија
Земјотресите во Турција отворија два расцепа долги стотина километри
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 16.02.2023 - 14:00

Сателитските снимки открија дека страшните земјотреси што ја погодија Турција на 6 февруари создале два мошне долги расцепа во земјиштето. Двете огромни пукнатини во земјината кора се отворија во близина на турско-сириската граница. Расцепите ги набљудуваа и проучуваа истражувачи од Центарот за набљудување и моделирање на земјотреси, вулкани и тектоника (COMET) во Обединетото Кралство, кои ги забележале раседите со споредување на сликите од областа во близина на брегот на Средоземното Море, направени пред и по разорните земјотреси, од сателитите на ЕСА Сентинел-1 и Сентинел-2 наменети за набљудување на Земјата.

Сликите од сателитот Сентинел-1А на ЕСА, снимени на 9/10 февруари, јасно ги покажаа физичките ефекти од земјотресот на земјата. Подолгиот од двата расцепа се протега во должина од околу 300 километри во североисточен правец, од североисточниот врв на Средоземното Море. Раседот (како што геолозите ги нарекуваат овие расцепи во земјината кора) е создаден при првиот, најмоќниот  од двата големи земјотреси што го погодија регионот, со јачина од 7,8 степени. Вториот расед, долг 125 километри, се отвори за време на вториот земјотрес со јачина од 7,5 степени, околу девет часа подоцна. За жал, во близина на двете зони се наоѓаат голем број населени места, поради што бројот на жртви е толку голем.

Според Тим Рајт, кој раководи со тимот на COMET, иако е нормално слични расцепи да се појават по силни земјотреси, овие две пукнатини, сепак, се невообичаено долги.  Како што тој појасни раседите се одраз на огромната количина на енергија ослободена од земјотресите – колку е посилен земјотресот, толку е раседот поголем и подолг. „Турскиот [расед] е еден од најдолгите што биле досега забележани по континентален земјотрес. Исто така, многу е невообичаено два толку силни земјотреси да се случат во рок од неколку часа еден од друг.”

Движењето на тектонските плочи кое го предизвикало земјотресите било такво што раседите се јасно видливи на површината, минувајќи низ градовите. Според  процените на истражувачите од COMET земјиштето претрпело хоризонтални поместувања од дури 5 или 6 метри.

Со комбинирање на сликите од Sentinel-1A и Sentinel 2 од пред и по земјотресот, научниците од COMET успеаја да ја измерат деформацијата на површината што е јасно видлива

Откако земјотресите го погодија регионот, сателитите управувани од различни владини агенции и приватни компании спроведуваат континуирани истражувања на големата површина за да ја дефинираат штетата што е можно побрзо и попрецизно. Податоците потоа се користат од страна на цивилната одбрана за да се идентификуваат оштетените области дури и на недостапни места.

Според НАСА, земјотресите се развиле долж раседната линија на 18 километри под површината. Оваа плитка длабочина овозможила енергијата да се шири стотици километри подалеку и со висок интензитет.

Клучни зборови: