Рубрика: Астрономија и астронаутика
Ретка зелена комета видлива од Земјата за првпат по 50 000 години
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.01.2023 - 14:15

Првиот петок 13-ти во оваа 2023 година можеби и нема да биде толку несреќен како што тоа вообичаено се смета. Имено, една комета што не поминала покрај нашиот дел од Сончевиот систем уште од последното ледено доба, овој петок (13-ти), ќе нè посети за првпат по 50 000 години. Последниот пат кога оваа комета се појавила на ноќното небо, хомо сапиенсот и неандерталците ја делеле планетата, а домородните Австралијци само што пристигнале до овој континент преку копнените мостови на југоисточна Азија.

Кометата ја носи ознаката C/2022 E3 (ZTF), назнака добиена од Zwicky Transient Facility од каде за првпат била забележана како поминува крај Јупитер во март минатата година. C/2022 E3 (ZTF) ќе помине низ внатрешниот Сончев систем на оддалеченост од околу 160 милиони километри од Сонцето, што е едвај нешто подалеку од растојанието помеѓу нашата централна ѕвезда и Земјата. Потоа ќе се движи кон Земјата, поминувајќи најблиску до нас на 2 феврури, на растојание од 42 милиони километри од планетата, кога ќе биде и најсветла.

При приближувањето кон Сонцето, кометата не е видлива со голо око, но веќе може да се набљудува со помош на двоглед. Како што таа се приближува кон Земјата, така се очекува полека да стане сè повидлива, но сепак со голо око би можела да се види само ако за тоа постојат соодветни услови.

Кометата во перихел

Од НАСА велат дека љубителите на комети на северната хемисфера би требало да можат да ја набљудуваат C/2022 E3 (ZTF) со помош на двогледи или мали телескопи во текот на целиот месец јануари, се разбира доколку ги послужат временските услови. Но, жителите на јужната хемисфера ќе мора да почекаат до февруари за да уживаат во глетката.

Кометата беше откриена во март 2022 година од камерата за истражување во широко поле при Zwicky Transient Facility. Првично се веруваше дека се работи за астероид, но објектот ги покажа сите карактеристики на комета веднаш штом ја помина Јупитеровата орбита, по што беше подложен на брзо „осветлување“.

C/2022 E3 (ZTF) има изразена зелена боја и две опашки, од кои едната е мошне долга. Научниците велат дека зелената боја на главата на кометата најверојатно се должи на молекулите од дијаглерод (хемиски соединенија со два сврзани јаглеродни атоми). Овие карактеристики ќе бидат многу појасно видливи на фотографиите направени со долга експозиција отколку при набљудувањата направени со мали телескопи или со двогледи. Податоци за каде може да ја најдете кометата на ноќното небо над Македонија тука

Каде може да ја најдете кометата на ноќното небо над Македонија (податоците се за Скопје)

За секој што сака да ја види кометата, а нема соодветни услови за набљудување, Проектот за виртуелен телескоп (Virtual Telescope Project) ќе организира бесплатен пренос во живо на 13 јануари, во 2 часот по полноќ по македонско време. Гледајте го преносот во живо на веб-страницата на проектот или нивниот YouTube канал (види долу).

Пренос во живо од поминувањето на кометата C/2022 E3 (ZTF) на каналот од Проектот Виртуелен телескоп
Клучни зборови:
Кометата во перихел

Кометата во перихел

Каде може да ја најдете кометата на ноќното небо над Македонија

Каде може да ја најдете кометата на ноќното небо над Македонија (податоците се за Скопје)