Хрватска стана една од четирите земји што развиваат пилот-проект за дигитален пасош. Системот го развива хрватската државна Агенција за комерцијално стопанисување од каде објаснуваат дека цечиот проект е сè уште во зародиш и дека неговиот развој трае најмалку една година.
Кога ќе се користат дигиталните пасоши, патникот прво ќе треба да го најави своето патување. На граничната контрола, пасошот нема да има потреба да се прегледа на класичен начин, туку едноставно ќе треба само мобилниот телефон да се стави врз дигиталниот читач. Во мобилната апликација веќе ќе има зачуван електронски запис за патувањето, што ќе биде дополнет со податок за преминување на границата и доставен до соодветните системи од граничната контрола.
Дигиталниот пасош ќе биде достапен во склоп на дигиталниот паричник во апликацијата Certilia, преку која хрватите веќе можат да ја употребуваат нивната дигитална лична карта. Имено, граѓаните на Хрватска нивната е-лична карта може да ја користат како здравствена книшка, електронски потпис или при онлајн поднесување барање за пасош.
До крајот на октомври 2022 година, веќе биле активирани околу 30 илјади е-лични карти. По активирањето, покрај споменатите примени, дигиталните документи може да се користат за вкупно 99 услуги – од поднесување на барања за издавање официјални документи и потврди до преземање на медицински извештаи.