Рубрика: Автомобилска техника
Дали автомобилскиот дизајн е мртов?
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 05.12.2022 - 11:45

Дали е мртов автомобилскиот дизајн? Прашање за милион долари. Погледнете ги сликите и сами направете заклучок, а моите коментари нека послужат само како провокација за да развиеме дискусија по ова прашање, со што ефикасно ќе ги калибрираме и избаждариме нашите мисли, резон и воопшто уметноста во филозофијата или ако сакате повеќе уметноста во индустрискиот дизајн. Па да започнам:

1. На сликите дизајните на бандажите се отстранети за да не сметаат во вкупниот впечаток за дизајнот на каросеријата (екстерниот дизајн). Инаку, дизајнот на бандажите и пневматиците многу влијае врз вкупниот дизајн на автомобилот. Оттаму елиминирањето на овој дизајн е коректно за во преден план да исплива екстерниот дизајн на профилот за кој станува збор во оваа прилика.

2. Колку што можам јас да забележам, на сликиве е даден страничен поглед на повеќе класи на автомобили – SUV, хечбек, автомобили од средна класа итн.Тоа воопшто не влијае на моите размислувања и е ирелевантно.

3. Се забележува јасно, за појасно да не може да биде, дека профилната силуета на сите возила на сликава е меѓусебно слична. Како јајце на јајце си личат. Во следните неколку точки ќе се обидам да дадам мое толкување на овој чуден и интересен феномен, се рабира, онолку колку што можам да проникнам во неговата суштина. Па, да започнам со мојата анализа:

4. Профитот а не уметноста или емоцијата е главен двигател на бизнисот. Така е и овде. Зошто да се вложува во иновативни дизајни кога некој веќе успешен дизајн има купувачи, патот до неговото купување е поплочен и сигурен, па најсигурно што може да биде е да се следи конкуренцијата со оглед дека продажбата ќе ни е стабилна. Стабилна продажба на производ со ниска цена на чинење (дизајнерските трошоци во случајов се минимални а успехот на тој дизајн е загарантиран) и релативно добра просечна пазарна цена на тој производ е показател за добар профит. А што треба повеќе? Ништо! Ете една од причините за неинвентивен дизајн како на сликиве.

5. Мора да се нагласи дека и дизајнерите се ограничени во своите фантазии кога треба да ги реализираат на дело на конкретен случај. Имено, просечните брзини на движење на автомобилите денес се мошне големи, а знаејќи дека при движењето главни се отпорите од воздухот кои се во големина од квадратот на брзината (за брзините на автомобилите зборам!) и од другата страна притиснати од барањата за минимум потрошувачка на гориво, особено фронталниот дизајн сакале или не дизајнерите, мора да наликува еден на друг во дизајнерското решение. Не може да се избега од природните закони, особено кога дизајнерот е пграничен со ‘тенок’ буџет. Страничниот дизајн е малку подруга прикаска, но е тесно лимитиран и зависен од фронталниот дизајн.

6. При идентични дизајни можеме како производители и маркетинг експерти да го направиме следниов трик: еден ист дизајн на автомобил од пониска класа идентично да го пресликаме на автомобил од повисока класа (на пример SUV) и така фактички без трошок за екстерен дизајн да ја намалиме и цената на чинење на нашиот нов SUV и со тоа да сме конкурентни на пазарот. Ова е проверен рецепт кој совршено функционира на пазарот, особено за побројната публика која не гледа на својот рејтинг. Така се прави ‘смут’ кој одлично функционира – за исти пари за автомобил од пониска класа се вози автомобил од повисока класа. Ова одлично функционира на теренот!

7. Исто така, мора да се признае дека добар и потентен автомобилски дизајнер е редок на пазарот на труд и е многу скап. Ефтините дизајнери испорачуваат ефтини и стерилни дизајни кој ги викаме и конфекциски дизајни. И ова е една од причините за стерилните екстерни дизајни на автомобилите. Овде се притиска на минимум трошоци за работната сила...

8. И на крајот, интересна е тезата за дефрагментација на автомобилскиот пазар што резултира со конфекциски дизајн. Купувачите се препукуваат меѓусебно и никој не сака (во општ случај) да штрчи со невообичаен и некласичен екстерен дизајн на својот автомобил што потполно одговара на мисијата на производителите на автомобили која е максимизирање на профитот.

 

Ова е моето размислување за оваа тема која е скокотлива, провокативна и како измислена за дискусии и полемики. Па повелете со вашите размислувања, драги читатели. Дискусијата несомнено е дека ќе биде многу интересна.

Клучни зборови: